Вештачката интелигенција, од нејзиниот зачеток во 70-тите години на минатиот век до денес, не е стигната на нивото на кое човештвото се надеваше. Напредок, сепак, се бележи во последниве неколку години, откако вештачките „нервни мрежи“ станаа пософистицирани. Инспирирани од начинот на кој мозокот формира врски и учи, алгоритмите на вештачките „нервни мрежи“ се хранат со податоци сѐ додека не научат самите да препознаваат обрасци. Потоа, тие носат самостојни заклучоци, процес познат како „длабоко учење“. Но, голем број од алатките и новостите на технологијата се најчесто незабележливи за голо око, претопени во секодневието, пренесува Би-би-си.
– Ваквиот напредок во технологијата, главно, е незабележлив во секојдневниот живот, бидејќи процесите се случуваат најчесто зад сцената, а луѓето се толку привикнати на алатките со кои се служат, што несвесно ги игнорираат – вели Денис Монтенсен, извршен директор на „Х.АИ“, алатка за закажување на состаноци во слободни термини.
Следен чекор во надградувањето на нивниот асистент, наречен „Ејми“, е да биде способен да се координира со слободните термини и податоците на другите корисници, и да закажува термини за средби, истовремено земајќи ги предвид нивните податоци, преференци, време и локација. Ова, вели Монтенсен, е работа која дури и најспособните асистенти не би можеле перфектно да ја изведат.
Курсат Кеилан, кој е слеп, бил инспириран да ја промени вештачката интелигенција, кога се обидел, носејќи го својот багаж, да стаса до хотел користејќи се со апликација на мобилниот телефон. Но, тој удрил во улична светилка и завршил со повреда на главата.
Инспириран од повредата, тој дизајнирал „паметен“ бастун за одење наречен „Виволк“, кој е опремен со вештачка интелигенција. Бастунот детектира објекти кои се наоѓаат пред корисникот, а исто така на него има инсталирани апликации како „Гугл мапс“ и „Алекса“, благодарение на кои корисникот може да се снаоѓа и движи во просторот поставувајќи им прашања.
Целта на „Виволк“ е да собира податоци, да ги анализира и според постапките на неговите корисници, да се создаде далеку пософтициран производ кој ќе употребува таканаречено „машинско учење“, кое претставува понапредна форма од вештачката интелигенција.
– Можностите на бастунот не треба да помагаат само за одење. Бастунот ќе биде поврзан со голем број други системи, како на пример мрежите на транспорт, семафорите низ градот и автономните возила – вели Кеилан.
Во 2012 година се појави мрежата позната како „Алекснет“, која ја започна револуцијата за длабоко учење, а помогна при голем број иновации како што е вештачката интелигенција за препознавање на лица, глас и говор. „Алекснет“ помогна и во препораките од рекламниот материјал што го гледате при онлајн-шопинг, до препораките бaзирани на лични преференци за гледање на филмови и серии на „Нетфликс“.
За првпат, вештачката интелигенција годинава помогна во пронаоѓањето на вештачките антибиотици, како и при пронаоѓање на молекулите за нов лек за лица кои страдаат од опсесивно-компулсивно нарушување.
Единствениот голем проблем со вештачката интелигенција, според научниците, е тоа што никогаш не може да се предвиди наредниот голем „скок“ во иновациите. Проблемот на автономните автомобили, кои порано немаа способност да идентификуваат пешаци и сообраќајни знаци, е во минатото. Но, кога станува збор за проблемот при одлучување на рутите, со цел избегнување на метеж и други пречки, автономните автомобили се далеку од подготвени.
Можеби треба да се случи уште една револуција како онаа на „Алекснет“ за да се надминат предизвиците со кои се соочува засега индустријата. Можеби отпосле светот ќе ги види автономните возила, паметните бастуни и транспортните мрежи меѓусебно поврзани и во полн сјај.