Во согласност со анализите и истражувањата од спроведената анкета потврдено е веќе претходно изнесеното, односно од година на година значително расте оптоварувањето на компаниите со неданочни и парафискални давачки, како што расте и бројот на нововоспоставените давачки и промената во висината на тие давачки
Со рамниот данок, односно кај основните даноци – данок на добивка, данок на имот, персонален данок и ДДВ, Македонија има најниска даночна стапка во регионот и во Европа, а сето ова би требало да претставува доволен услов за привлекување домашни и странски инвестиции. Но, сепак, број на разни неданочни и парафискални давачки не е мал, а воедно е и растечки.
Стопанската комора на Македонија спроведе истражување на тема: „Неданочните и парафискални давачки како оптоварување на правните субјекти во Република Македонија“, кое беше презентирано пред органите на комората и како резултат на материјалот беа усвоени препораки за унапредување на постојниот систем на јавни приходи во државата.
– Кога ќе се земат предвид и неданочните и парафискалните давачки, доаѓаме до фактот дека ефективното оптоварување на стопанските субјекти е поголемо за разлика од ситуацијата кога би се анализирале само даночните давачки. Зголемувањето на бројот на неданочни и парафискални давачки е евидентно во последните години во Македонија. Поради тоа, намалувањето и рационализацијата на неданочните и парафискални давачки е неопходен процес, со цел создавање поволен деловен амбиент, со што би се овозможило раст на приватниот сектор, кој би бил двигател на економскиот развој – објаснува Анета Трајковска, в.д. оперативна директорка на Стопанската комора на Македонија.
Како што вели таа, целта на истражувањето во кое се анализираше периодот од 2008 до 2016 година била да се спроведе соодветна финансиска анализа на наплатените приходи по таа основа во буџетот, потоа да се направи анализа колку врз основа на парафискални давачки плаќаат избраните правни субјекти како примерок и колкаво е нивното оптоварување, а со тоа да се добие слика за оптоварувањето на бизнисот со парафискални и неданочни давачки и да се изведат заклучоци и предлог-мерки со основни препораки за унапредување на целиот систем на парафискални давачки во Македонија.
Од истражувањето произлегоа заклучоците дека даночниот систем во Македонија оставил неограничен простор со разни секторски закони, подзаконски акти, локални одлуки, одлуки на управните одбори на агенциите или на одборите на јавните претпријатија и дека се воведуваат разни давачки што тешко се контролираат, па Министерството за финансии не може да има комплетна слика и некој вид контрола врз овој систем во нашата земја.
– Отсуството на транспарентност е карактеристика на процесот на воведување одредени давачки и промените на истите. Констатирано е прелевање на наплатата на претходно воспоставени надоместоци, и тоа од буџетската сметка на сметките во деловните банки на разни органи на управата – потенцира Трајковска.
Според неа, една од клучните констатации е зголемување на бројот на неданочни и парафискални давачки во последниве години, а причините за ваквата состојба се многубројни, но во суштина се сведуваат на потребата на јавните институции да обезбедат средства, не водејќи сметка за нивното негативно влијание врз конкурентноста и деловната клима во државава.
– Сублимирано, во периодот од 2008 година до 2016 година има воведено вкупно 84 нови давачки, кои се уплатуваат на буџетската сметка (18 вида давачки што се вклучени во т.н. други даноци, 41 вид неданочни давачки и 25 нови глоби), со што е постигнато дополнително оптоварување на правните и физичките лица на годишно ниво во износ од околу 20 милиони евра – појаснува Трајковска.
Ако се анализира наплатата на неданочните и парафискални давачки во 2016 година споредбено со 2008 година, таа напоменува дека се наплатени повеќе од 32,7 милиони евра. Имено, забележан е раст од 18,2 отсто споредбено 2016 година со 2008 година, и со оваа наплата во 2016 година само врз основа на неданочни и парафискални давачки се наплатени над 15.467 милиони денари, или над 251,5 милиони евра.
– Во согласност со анализите и истражувањата од спроведената анкета потврдено е веќе претходно изнесеното, односно од година на година значително расте оптоварувањето на компаниите со неданочни и парафискални давачки, како што расте и бројот на нововоспоставените давачки и промената во висината на тие давачки. Имено, се потврди фактот дека ефективното оптоварување на стопанството е поголемо отколку што може тоа да се заклучи само врз основа на постојните даночни давачки – нагласува Трајковска.
Тргнувајќи од комплексноста на овој процес, Стопанската комора на Македонија и компаниите членки се подготвени да се вклучат во овој процес на реформа на системот на јавни приходи и да дадат свој активен придонес во сите активности.
– На прво место, од посебна важност е да се истакне дека е потребно системот на сите јавни приходи во Македонија да биде строго уреден и секогаш мора да е под клучен надзор од Министерството за финансии. Имено, потребна е реформа на комплетната законска и подзаконска регулатива што е поврзана со неданочни и парафискални давачки. Потоа, да не може да се воведе ниту една дополнителна давачка без согласност од Министерството за финансии или мислење доколку се работи за одлуки на Владата. Со ова значително ќе се ограничи можноста и денес воспоставената практика каде што различни органи или носители на јавни овластувања директно влијаат на бројот и на основните елементи на одредени давачки – смета Трајковска.
Таа додава дека е неопходно сите досегашни сопствени приходи на државните органи, органите на управата и локалните самоуправи, агенции, дирекции, бироа да станат приходи на буџетот, т.е. сите тие ентитети да се воведат во системот на буџетот.
– Неопходно е да се спроведе прецизна класификација на сите фискални форми што постојат во даночниот систем и како даноци можат да се наречат само тие давачки што имаат карактер на даноци, но не и надоместоците, таксите за одредени добра и услуги. Разграничувањето и класификацијата предлагаме да ги спроведе Министерството за финансии во најкраток рок – објаснува Трајковска.