Град Скопје во соработка со Општина Карпош ќе реализира проект за изведба на нов парк во населбата Карпош 4, кој ќе се простира долж булеварот „Илинден“ на површина од 60.000 квадратни метри.
Паркот ќе биде лоциран на јавниот простор, кој повеќе децении делува запуштено и претставува потенцијално место за создавање на диви депонии и палење на огнови на отворено, информираат општинските власти.
Истиот ќе се надоврзе на Спортско-адреналинскиот дел, на кој локалната самоуправа работи интензивно неколку месеци.
Во планирање на јавниот простор е вклучена и јавноста, со фактот што во тек е Конкурсот за избор на идејно решение на паркот, кој го распиша Град Скопје, а истиот трае до 16 март годинава.
По тој повод, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, заедно со претставници од Град Скопје денеска беше на увид на теренот, каде што се очекува наскоро да започнат подготвителните активности за рамнење на оваа површина.