Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун потпишаа денеска „сеопфатен” заеднички документ.
– Тоа беше прекрасен ден и ние многу научивме еден за друг и за нашите земји, изјави Трамп по потпишувањето на документот. На прашањето што научил за Ким, Трамп рече дека тоа е многу талентиран човек, кој многу си ја сака сопствената земја. Потоа му подаде рака на Ким и имаа долго ракување.
На прашањето дали повторно ќе се сретне со Ким, американскиот претседател рече дека тие ќе имаат „уште многу, многу средби“.
Од своја страна, Ким ја поздрави „историската средба“ и наведе дека „го остава минатото зад себе“.
– Денеска имавме историска средба и одлучивме да го оставиме минатото зад себе. Светот ќе види огромна промена. Би сакал да изразам благодарност до претседателот Трамп, кој ја овозможи оваа средба- изјави севернокорејскиот лидер.
Засега е се уште непозната содржината на документот кој го потпишаа двајцата лидери. Трамп изјави дека ќе го презентира документот на прес-конференција за 45 минути, велејќи само дека документот е сеопфатен.
Кина соопшти дека самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун креира „нова историја“ и повика на „целосна денуклеаризација“.