Сега на политичката сцена главно со политика се занимаваат „алхемичарите“, кои ветуваат сѐ и сешто, а најчесто од тоа зад нив не останува ништо. А токму тоа ништо, треба да биде најдобра поука за обичните граѓани, кои најчесто се жртви на таквите „политички алхемичари“, без разлика од која партија и да се
Не знам зошто, но во последно време македонските политичари криејќи се зад наводните барања на народот, промовирајќи ги своите партиско-политички проекти, сѐ повеќе личат на „алхемичари“.
Како што тече (пред)изборната кампања, тие ветувајќи сѐ и сешто, од Македонија сакаат да направат „медена земја“, во која буквално ќе тече мед и млеко. Само притоа забораваат дека Атиџе во „Медена земја“ самата знае како се мачи во собирањето на медот.
Деновиве, кога сакав малку да се одморам од политиката в раце ми падна една книга за „алхемичарите“.
амо што почнав да ја читам книгата, по првите прочитани страници за активностите на алхемичарите во Франција, вниманието ми го одзедоа изјавите на македонските политичари, кои заличија на алхемичарите од една мала компанија во близината на Париз, кои успеале да создадат технологија, која може отпадните води да ги претвори во злато.
И не само златото, туку и другите благородни метали, како платината, паладиумот и родиумот, исто така можат да се екстрахираат со користење на истите методи.
Оваа компанија со своите алхемичари успеа да развие технологија со која од отпадни води прави злато.
Но деновиве, слушајќи ги македонските политичари тие како да наликуваа(т) на француските алхемичари. Разликата е само во тоа што тие потпирајќи се само на својата политичка „технологија“, на народот му ветуваат најмногу празни зборови во стилот дека ако дојдат или останат на власт Македонија ќе биде Швајцарија, која не само што никој нема да сака да ја напушти туку многумина странски државјани ќе сакаат да живеат.
Македонските политичари изгледа се единствено доследни во својата недоследност.
Тие деновиве на прес-конференциите или средбите со граѓаните ветуваат голем број проекти, кои државата ќе ја чинат милијарди евра.
Па, така, се изнаслушавме како тие на македонскиот народ ќе му донесат илјадници километри нови магистрални или експресни патишта, потоа брзи пруги, нови железници, гасоводи, топлификација на нивните домови, отворени или затворени базени, повисоки плати, пензии, повисок животен стандард, субвенции за земјоделците, овоштарите, подобро здравство, образование, наука, отворање нови работни места, фабрики… И сето тоа е убаво и добро звучи, но никој не кажува од каде ќе се најдат пари за сето тоа да се реализира и оствари. Или можеби мислат дека се магионичари, кои со магично стапче ќе постигнат сѐ што ќе замислат.
Притоа ни власта, ни опозицијата, кои ако добро се пресмета, од осамостојувањето на државата досега имале ист временски период на владеење и раководење, не кажуваат што ги спречувало досега да ги реализираат тие идеи, ниту пак од каде ќе ги обезбедат парите за реализацијата на сите нивни старо-нови проекти.
Тоа што паѓа в очи е што македонските „политички алхемичари“ сите свои старо-нови проекти, кои тежат милијарди евра, планираат да ги реализираат и покрај беспарицата со која се соочува државата, која сите стари долгови ги враќа со подигнување нови кредити.
Милијардата, која на граѓаните на Македонија во 1998 година им ја вети лидерот на Демократската алтернатива, Васил Тупурковски, сега изгледа како смешна сума, во однос на неколкуте милијарди евра инвестиции, кои во предизборието ги најавуваат старо-новите македонски политички „алхемичари“.
Старите рекле, за реализација на секоја желба и идеја се потребни пари.
Без добро осмислена финансиска конструкција и без добро разработена идеја од каде ќе се обезбедат средствата за реализација на проектите, сите такви набрзина склепани проекти, пред секои избори наликуваат на приказната за Мали Ѓокица, кој на свој начин го замислувал рајот.
Хроничарите, кои ги следат настапите на македонските политички „алхемичари“ добро ги паметат таквите неостварени ветувања.
Во блиското минато и Битола во голем број наврати била сведок на такви ветени, но, за жал, нереализирани проекти, како од изградба на аеродром, затворен базен, голф-терени, подземни и катни гаражи, голем број хотели, трговски центри, филмски град.
Иако таквите проекти беа на голема врата промовирани, за жал, ниту еден од нив не се реализира. Изговорот беше мошне едноставен, немало пари за тоа.
А прашањето зошто ги ветиле тие проекти кога немало пари никогаш не доби одговор, како што најчесто без одговор остануваат и прашањата на јавноста зошто по изборите остануваат ветени, а нереализирани голем број проекти од страна на македонските политички „алхемичари“.
Најголемиот број од тие ветувања биле ставани настрана уште вечерта, по пребројувањето на гласовите.
Од таквите неисполнети ветувања граѓаните најчесто се бранеле со тоа што им ја откажувале довербата на таквите политичари, кои не го реализирале тоа што го ветиле. Но фајдето од таквото задоцнето отрезнување било изгубени години и децении од нивниот живот.
Македонските граѓани, кои сѐ уште живеат во оваа наша „медена земја“ својата политичка кратковидост и заслепеност, досега скапо ја платија.
Политичките комесари со своите купи-ден политики ги елиминираа или трајно ги отстранија од општествената сцена сите квалитетни кадри, кои ја напуштија државата.
Искуствата од минатото покажуваат дека често кај нас со политика се занимаваат луѓе, кои во политиката влегуваат или брзо да се збогатат или да си ги решат своите лични проблеми.
Како веќе да ги нема политичарите што во политиката влегуваа за остварување одредени политички идеи и идеали.
Сега на политичката сцена главно со политика се занимаваат „алхемичарите“, кои ветуваат сѐ и сешто, а најчесто од тоа зад нив не останува ништо.
А токму тоа ништо, треба да биде најдобра поука за обичните граѓани, кои најчесто се жртви на таквите „политички алхемичари“, без разлика од која партија и да се.