Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, утре повторно ќе оди во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, но овојпат на нивна покана. Тој утре треба да ги предаде снимките во врска со поранешниот премиер Зоран Заев, кои вчера ги објави на прес-конференција.
Втората аудио-снимка Милошоски ја објави вчера на прес-конференција, во која, како што рече, се слуша гласот на Заев. Во снимката се слуша како Заев вели дека како премиер, тој носел одлуки во име на Врховниот суд и во име на СЈО, а исто така бил во дослух со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во врска со сите нејзини одлуки.
Милошоски ја пушти првата „бомба“ за време на расправата во собраниската Комисија за европски прашања, на која тогаш се разгледуваше предлог-законот за јавно обвинителство. На снимката, наводно, разговараат Заев и друго лице за финансирање на телевизијата на Бојан Јовановски, првоосомничениот во случајот „Рекет“.