Во Србија и денеска возачите протестираа против високите акцизи и цените на горивата со блокада на сообраќајниците и патиштата.
Блокади имаше во Белград, Нови Сад, на Ибарска магистрала, на патот за Зрењанин, кај Лазаревац. Во Белград по 8 часот беше блокиран фреквентниот мост Газела, со што беше прекинат сообраќајот на авто-патот кон белградскиот аеродром. Блокади имаше и на плоштадот Славија, на Панчевачкиот мост, кај населбата Борча…поради што повеќето линии на градскиот превоз беа во прекин, а на повеќе места интервенираше сообраќајната полиција.
Блокади имаше и во Нови Сад, како и на повеќе места во Војводина, во Банат, кај Стара Пазова, каде на протестите се придружија и земјоделците, блокирајќи ги патиштата со трактори.
Блокади со помал или поголем обем имаше и во Крагиевац, Чачак, Краљево, Мали Зворник, како и на Ибарската магистрала.
Со реакција се јавија министарката за градежништво и сообраќај Зорана Михајловиќ, минстарот за одбрана Александар Вулин, министарот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ и од Министерството за рудатство и енергетика. Тие ги осудија протестите, оценувајќи ги како неприфатливи и како терор на малцинството над мнозинството, а Вулин направи паралела со протестите во Украина во 2013 година. Министрите, исто како и вчера претседателот Александар Вучиќ, блокадите ги окарактеризираа како политички, зад кои стои опозицијата.
Синоќа се огласи и Драган Ѓилас-иницијаторот на опозициското движење Сојуз за Србија, кој му порача на Александар Вучиќ да ги намали акцизите на горивата, наместо што упатува срамни навреди за луѓето.
Граѓаните кои протестираат се организираат преку Фејсбук мрежата, каде се повикуваат возачите со своите возила да ги блокираат патиштата, каде и да се наоѓат. Ова е трет ден како протестите се организираат.
Организаторите на блокадата на социјалните мрежи посочуваат дека се борат за усвојување на три барања, поради фактот што акцизите и горивата во Србија се меѓу најскапите во регионот.
Првото барање на возачите е да усвои нова цена на горивата која нема да го надмине износот од 110 динари за литар дизел (0,93 евра) и 120 динари за литар бензин (1,02 евра) и оваа цена да биде важечка за сите бензински пумпи во Србија.
Барањата, исто така, вклучуваат и нова пресметка на цената на горивото, така што на основната цена на горивото ќе се пресметува данок, а потоа да се додаде акцизата која не смее да биде поголема од 50 проценти од основната цена на бензинот.
Од почетокот на годината до сега, горивото во Србија е зголемено за 8,79 динари за литар, а за дизелот за 11,30 динари. Сега литар бензин од 95 октани чини 152,02 динари (1,29 евра), Еуродизелот 161,71 (1,37 евра), додека за поскапите горивни категории таа е 167динари(1,42 евра).