Вчеравечер Божо Вреќо го одржа првиот солистички концерт во Скопје, а втор во Македонија. Минатогодишниот негов концерт беше одржан во Битола. Токму таму тој се сретнал со Вера и Оливер од групата „Љубојна“, кои исто така беа дел од оваа негова уникатна средба со скопската публика. Оливер Јосифовски свиреше бас, како дел од музичарите што го придужуваа на сцената, одличните: Игор Милевски, Кадир Догани, Марко Николиќ и Демир Кантуровски, а Вера Милошевска, како единствена гостинка заедно со него изведе една севдалинка.
Цели два часа на сцената на МОБ, која иако не беше сосема полна, како што рече Вреќо, дошле токму тие што требало да дојдат и со себе донеле многу љубов и чиста енергија, се случуваше вистинска магија.
Всушност целиот концерт звучеше како да беше исполнета една песна, од почеток до крај, која беше и балада и ритмична мелодија истовремено. И тажење по загубената љубов, но и радост и взобуда од убавината на животот. Секако Божо беше човекот кој ги држеше конците во свои раце цело време. Се грижеше и за звукот на оркестарот, но и постојано ја анимираше публиката, па дури и се симна во партерот, да се поздрави и да запее со дел од присутните, а доби и букет прекрасни рози.
Но, она кое што сите ги маѓепса и поради што дојдоа на концертот, секако е вонсерискиот глас на Вреќо. Лирски тенор, кој на моменти беше топол и нежен, а потоа силен и пробивен. Оваа милозвучна сензација, што им годеше на ушите на присутните, беше надополнета со неговиот специфичен изглед. Тој беше „облечен“ само со своите тетоважи, што го красат неговото тело и со долго темно сино здолниште, а носеше и високи штикли. Косата му беше пуштена и постојано мавташе со неа во ритмот на музиката. Тој или ги допираше музичарите на сцената, доколку пееше некоја од своите балади, или трчаше и танцуваше по сцената, речиси со вчудовидувачка брзина. Се вртеше во круг и успеваше притоа да ги пее своите тешки песни за интерпретација со невидена леснотија.
Скопјани уште веднаш прифатија да соработуваат со него, аплаудираа на негов знак, па и срамежливо потпевнуваа, иако се доби впечаток дека доколку сепак нешто на Божо му пречеше синоќа, тоа беше недоволното познавање на стиховите на неговите песни. Но тоа беше компензирано со танцување и аплаузи, со што неколкупати атмосферата во салата кулминираше.
Од своите објавени четири албуми, и од петтиот што наскоро треба да излезе, Божо ги отпеја своите најпопуларни песни, некои стари седвалинки што ги донесе на свој начин, во стилот на ворлд мјузик, џез, свинг и микс од други музички стилови. Слушнавме и негови авторски теми во кои пее за љубовта, но и за тоа дека иако сме сите различни, треба да се почитуваме едни со други. Впрочем, тој седвалинките ги пееше и во машки и во женски род, на тој начин уривајќи го до скоро важечкото строго правило во интерпретирањето на севдахот.
Така ги слушнавме: „Селим“, „Крила“, „Црне очи“, „Лејлија“, „Пустиња“, „Мени си била вриједна“, „Сањао сам“, „Пашана“…
– Прекрасна публика сте, сигурно повторно ќе се видиме – порача Вреќо на крајот на оваа прва средба со скопската публика.