Вредностите од практикувањето џудо беа и се мотив за да го промовираме и популаризираме овој спорт. А клучниот чекор е спроведувањето на проектот ,,Џудо во училиштата“, за кој се залагавме долго време да го добиеме од Светската џудо-федерација. Основата за ширење на џудо-културата е веќе поставена, а со овој проект ќе добиеме многу поголема можност на најмладите директно да им ги пренесеме предностите од практикувањето на оваа дисциплина, вели претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски

Џудото како дисциплина е посебно и старо, кое, покрај вежба за телото, придонесува и за духовно издигнување. Овие предности, поточно вредности од практикувањето џудо беа и се мотив за да го промовираме и популаризираме овој спорт. А клучниот чекор е спроведувањето на проектот ,,Џудо во училиштата“, за кој се залагавме долго време да го добиеме од Светската џудо-федерација. Со влегувањето во училиштата, почнуваме да ја шириме џудо-културата онаму каде што е најпотребно, меѓу најмладите, ни изјави претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски.

ЏФМ, во соработка со Светската џудо-федерација (ИЈФ), годинава планира да почне со реализација на проектот ,,Џудо во училиштата“. По тој повод, ИЈФ ќе донира 10 борилишта (татами), 50 кимона и финансиска помош. Проект што, секако, радува е и за пофалба, а треба да го следат и други спортски федерации кај нас, оти само на ваков начин може успешно да се промовира спортот кај најмладите, да се зголеми масовноста, од каде што би произлегол и финалниот спортски производ, кадарен и за највисоки дострели. Еден ваков проект е насочен токму кон младите, да се занимаваат што повеќе со спорт.

– Бројот на клубовите, членовите и зголемениот интерес се резултат на досегашната работа на ЏФМ во популаризацијата на овој спорт. Основата за ширење на џудо-културата е веќе поставена, а со овој проект ќе добиеме многу поголема можност за предностите од практикувањето на оваа дисциплина да им ги пренесеме директно на најмладите. Веќе имавме испланирано како еден од идните и стратегиски чекори на Федерација да биде едукација за вредностите на овој спорт, а со проектот „Џудо во училиштата“го добиваме токму тоа. Верувам дека наскоро ќе имаме многу квалитетни џудисти, кои ќе се натпреваруваат на меѓународни натпревари – вели Трпаноски.
Одржувањето семинари за тренери и за судии, како и нивно лиценцирање, секако е за поздравување.

– Апсолутно не се сомневам во успешноста на проектот и сигурен сум дека ќе се пријават доволно кандидати на распишаниот конкурс (трае до 29 февруари – н.з.), затоа што како Федерација имаме квалитетни клубови и исто толку квалитетни тренери. Уште повеќе, за успешноста на проектот ми влева оптимизам и тоа што децата ги сакаат овие вештини и преку нивната атрактивност постепено ќе ја прифаќаат целата филозофија на овој спорт и за професионално практикување – појаснува Трпаноски, поранешен џудист.

Во Македонија е евидентно дека има квалитетно подобрување на условите за работа во клубовите, создавање навремена и здрава селекција на џудисти со соодветни подготовки, а сето тоа во правец на остварување високи натпреварувачки цели на ЕП и на СП. За тоа зборува и активноста на постојните клубови.

– Активни клубови што сега се дел од ЏФМ има 23. Во натпреварувањата што ги организираме главно учествуваат сите. Со оглед на фактот дека клубовите доаѓаат од сите градови на државата, во моментов не располагаме со прецизна бројка во колку училишта се одржуваат дополнителни часови или рекреативни часови по џудо, но, секако, станува збор за растечки тренд и бројка што постојано расте – вели Трпаноски.
Таленти во овој спорт континуирано има со години, се работи во клубовите, а нивниот напредок е сѐ поевидентен и во европски рамки. Македонија во џудото имаше и свој претставник на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2016 година, двајца настапија на Медитеранските игри во Тарагона, а има и кандидати за настап на ЛОИ 2020. Мотив повеќе за ваков проект.


„Џудото е цел систем на вредности“

Владимир Трпаноски

Џудото е многу повеќе од само спортска дисциплина. Тоа е еден цел систем на вредности што влијае врз моделирање и трансформација на личноста, во позитивна смисла. Влијае врз зајакнување на духот, телото, воспоставување самоконтрола и самодоверба, но, исто така, и за создавање морални и етички вредности, вели претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски.

[email protected]