Агенцијата „МГ мјузик менаџмент“ најавува ексклузивен концерт на „40 Фингерс“, квартет акустични гитари во кои членуваат италијанските гитаристи Матео Бренчи, Емануеле Графити, Андреа Витори и Марко Стефи. Концертот ќе се одржи в понеделник, во 20 часот, во салата на Македонската филхармонија.
Четворица музичари, со сосема различни музички приказни поединечно на италијанската музичка сцена се веќе добро познати по многуте проекти, преку т.н. техника „фингерпикинг“ на акустични гитари. Тие истражуваат нови звучни универзуми, изведувајќи широк репертоар на оригинални дела од познати музички теми аранжирани за четири гитари. На овој начин овозможуваат врвна музичка изведба што ја воодушевува публиката.
На нивниот репертоар е реинтерпретација на одличните класици на модерната музика, од Пјацола до „Битлси“, од „Дајр Стрејтс“ до Ерик Клептон, изразувајќи се во различни музички правци од џез до латиноамериканската музика.
– Најлегендарните песни и најдобрите звуци испреплетени во одлично искуство. Она што следува е возбудливо искуство за публиката – најавува организаторот.
Најпопуларните песни од настапите на „40 Фингерс“ ги вклучуваат: „Тото“ со „Аfrica“, „Иглс“ со „Hotel California“, Ерик Клептон со „Tears in Heaven“, „Квин“ со „Bohemian Rhapsody“ и др.