Тајландските власти соопштија дека веројатен мотив за крвавиот напад бил некаков спорен договор за земјиште, поради кој напаѓачот се чувствувал измамено. Во масакрот во градот Након беа убиени 26 лица, а ранети над 50
Тајландските безбедносни сили го ликвидираа напаѓачот што уби 26 лица, а рани над 50 во масакрот во градот Након. Властите го идентификуваа напаѓачот како 32-годишниот Џакрапанту Тома, кој бил дел од тајландската војска и работел во база во близината на градот. Властите соопштија дека мотивот за нападот најверојатно е имотен спор, поради кој Тома тргнал во крвавиот поход, пренесува Би-би-си.
Првичните резултати од истрагата покажуваат дека Тома прво го убил својот претпоставен офицер, по што украл поголемо количество оружје од воениот камп. Тој потоа продолжил да напаѓа случајни минувачи на улиците, по што се засолнил во трговски центар во Након. Со реакција се јави и тајландскиот премиер Прајут Чан-оча, кој порача дека станува збор за најкрвавиот напад во историјата на земјата.
– Во најкрвавиот напад во историјата на Тајланд загинаа 27 лица, вклучувајќи го и напаѓачот, а 57 се ранети. Во болниците сѐ уште се 32 лица од ранетите. Ситуации како оваа никогаш немало во Тајланд. Да се надеваме дека ова ќе биде прв и последен пат – истакна Чан-оча по завршувањето на опсадата на трговскиот центар „Рерминал 21“.
Премиерот потврди дека веројатен мотив за крвавиот напад бил некаков спорен договор за земјиште, поради кој напаѓачот се чувствувал измамено.