Соединетите Американски Држави се подготвени да издвојат и до 100 милиони долари за да ѝ помогнат на Кина и на другите земји погодени од коронавирусот, соопшти денеска државниот секретар на САД, Мајк Помпео.
– Овој ангажман, покрај стотиците милиони долари великодушно донирани од американскиот приватен сектор, покажува силно американско водство како одговор на епидемијата – се вели во соопштението на Помпео.
Тој додаде дека оваа помош ќе биде издвоена од постојните фондови – директно и преку мултилатерални организации.
Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Шји Џјинпинг се договорија претходно денес да ја продолжат комуникацијата и соработката меѓу двете земји во контекст на борбата против ширењето на коронавирусот.
Си го увери Трамп преку телефон дека Кина прави сé што може за да го спречи новиот коронавирус, од кој досега починаа речиси 640 луѓе, а десетици илјади заболеа.