Најновото откажување е шестата трка во Формула Е, закажана за 21 март, претходно се откажани и натпревари во атлетика, скијање, бокс, одбојка, снукер, а подоцна се очекува одлука и за, на пример, трката во Формула 1
Голем број спортски настани се откажани во Кина по појавата на коронавирусот. Така, засега се одложени Светското првенство (СП) во атлетика во сала, снукерскиот опен-турнир, скијачките трки во Светскиот куп (СК), олимписките квалификации во бокс, а женските олимписки одбојкарски квалификации се преместени од Кина во Србија.
Најновото откажување на спортски настан поради појавата на коронавирусот е шестата трка во Формула Е (натпревар на електрични автомобили), која требаше да се одржи на 21 март во Саниа, околу 1.000 км оддалечено од центарот на избувнувањето на вирусот, градот Вухан. Организаторите на серијата реагираа откако Светската здравствена организација го прогласи новопојавениот вирус за итен глобален случај по смртта на повеќе од 300 луѓе и на повеќе од 14.000 заразени.
– Формула Е ги презеде неопходните мерки за да се обезбедат здравјето и безбедноста на патувачкиот персонал, учесниците во првенството и гледачите, што е од првостепено значење за нас – се вели во соопштението.
Овој потег, секако, отвора и дополнителни прашања во врска со трката во Формула 1, која треба да се одржи во кинескиот град Шангај (17-19 април), оддалечен 800 км од Вухан. Сепак, раководното тело на Ф1 има намера да чека што е можно подолго пред да ја донесе конечна одлука.