Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска се сретна со амбасадорката на САД, Кејт Брнс. На средбата се разговараше за соработката меѓу двете земји, за напредокот на Македонија во процесот за членство во НАТО и ЕУ, како и за прашањата кои се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот. Исто така, стана збор и за глобални актуелни теми од значење на светскиот мир и благосостојбата.
На средбата е потврдено дека Македонија и САД успешно го одржуваат и зајакнуваат воспоставеното стратешко партнерство во интерес на граѓаните на двете земји, како и во остварувањето на заедничките цели за демократски просперитет на регионот и во заедничките акции во борбата против тероризмот.
Жерновски, во разговорот со амбасадорката Брнс изрази благодарност за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО во американскиот Сенат, што е од особена важност во заокружувањето на овој процес за полноправно членство на нашата земја во НАТО.
Амбасадорката Кејт Брнс на средбата го реафирмираше јасниот став на САД дека тие остануваа посветен сојузник на Македонија на патот до полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и на континуираните напори и политики на земјата да обезбеди одржливи услови за просперитетна иднина за граѓаните на Северна Македонија.