Не е ова текст за војната. Текстот е за распадот на моите лични вредности. Одговорите на прашањата на кои не можев да одговорам, ги побарав во театарот. Го измутирав своето театарско паметење или се обидов да пронајдам театарски омаж за мојата генерација мутанти родени во разочарување, очај, незнаење, загубени корени и култура, изјави Дуковски за српските медиуми
Во потрага по изгубената смисла, љубов и блискост, во непоправлив очај над сопствената промашеност и пропуштен живот се фаќаат во костец и се вртат во круг десетте деструктивни јунаци на претставата „Маме му ебам кој прв почна“, премиерно изведена на сцената на Југословенско драмско позориште неделава, пишуваат српските медиуми.
Со бурен аплауз публиката на крајот на претставата го поздравила ансамблот, а овации на сцената предизвикал авторскиот двоец – драмскиот писател Дејан Дуковски и режисерот Слободан Унковски, кој во истиот театар пред четвртина век со голем успех ја постави една од култните претстави на оваа куќа „Буре барут“.
– Не е ова текст за војната. Текстот е за распадот на моите лични вредности. Одговорите на прашањата на кои не можев да одговорам, ги побарав во театарот. Го измутирав своето театарско памтење или се обидов да пронајдам театарски омаж за мојата генерација мутанти родени во разочарување, очај, незнаење, загубени корени и култура – изјави Дуковски за српските медиуми.
Новата соработка меѓу Дуковски и Унковски во Белград е своевидно продолжување на тандемската работа по познатата драма и култна претстава „Буре барут“, која исто така ја работеа заедно. Во претставата играат: Предраг Мики Манојловиќ, Мирјана Карановиќ, Јасна Џуричиќ, Бранислав Лечиќ, Јована Беловиќ и студенти на глума на Факултетот за драмски уметности. Во Југословенско драмско позориште досега се изведени драмите „Буре барут“ и „Другата страна“ на Дуковски.
Унковски, пак, покрај „Буре барут“, во ЈДП ги режирал и претставите „Хрватски Фауст“, „Театарски илузии“, „Шини“, „Галеб“, „Брод за кукли“, „Како што милувате“, „Ајнштајновите сништа“ и др.
Дејан Дуковски е едно од водечките имиња во македонската современа, постмодерна драма и драматургија. Особено со неговите драми „Балканот не е мртов или магија Еделвајс“ (1992), „Буре барут“ (1994) и „Маме му ебам кој прв почна“ (1996), тој не само што се стекна со реноме на виртуозен драматуршки мајстор кај нас, на Балканот, туку сè поголем е бројот на театарски поставки во врвни светски театри. Драмите на Дуковски, 16 вкупно, се еден од најуспешните извозни продукти од областа на македонската култура. Тие засега се изведени на разни јазици на повеќе од деведесет сцени во светот, од кои само 20 се во Македонија, а 73 во други земји. Дуковски во 1992 година влегува на голема врата во театарот во Македонија со драмата „Балканот не е мртов“, а на балканските, европските и на светските сцени две години подоцна, со драмата „Буре барут“ (1994). Најизведувана драма му е „Буре барут“, преведена е на 18 јазици и поставена во 23 земји (Македонија, Србија, Холандија, Шведска, Грција, Бугарија, Германија, САД (Лос Анџелес и Њујорк два), Австрија, Англија, Финска, Хрватска, Франција, Јапонија, Данска, Полска, Швајцарија, Италија, Русија, Казахстан, Турција, Романија, Унгарија). „ММЕ кој прв почна“ имала 15 изведби, од кои 11 во странство. „Друга страна“ е поставена 11 пати, а праизведбата и е во Копенхаген (2004). „Празен град“ има девет изведби, „Балканот не е мртов“ седум изведби, „Дракула“ има три изведби… На некои од овие драми изведбите во земјите им се повторуваат, а во некои градови драмите се играни и по неколкупати на различни сцени.