Би било добро Законот за јавно обвинителство да се донесе пред распуштање на Собранието и на тој начин да и помогнеме на државата, изјави во одговор на новинарски прашања претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој истакна дека на државата и граѓаните им е потребно вакво законско решение, но неговото донесување ќе биде и дополнителен аргумент пред ЕУ, пред следното одлучување.
Заев ја поздрави јавната расправа и апелираше да се искористат претстојните денови за да се дојде до финално решение кое ќе се најде во Собранието.
– Сите да и помогнеме да државата, драго ми е што пратениците, министерката како организатор на јавната дебата, но и координаторите од сите политички партии покажаа дека имаат капацитет да организираат експертска расправа. Апелирам да го искористат и викендов за да ги оформат сите предлози и да ги структурираат во форма на амандмани, практични предлози кои ќе бидат вградени во законското решение и ако треба веќе во понеделник, Владата веднаш да го пушти како конечно решение во Парламентот за да може до крајот на работата на овој парламентарен состав да го усогласиме законот – посочи Заев.
Осврнувајќи се на потребното мнозинство, претседателот Заев посочи дека стигнуваат позитивни сигнали од пратениците за важноста од донесување на Законот.