Најновите информации се совпаѓаат со претходните обвинувања на Џеф Безос дека Ријад сакал да му се одмазди за написите на весникот „Вашингтон пост“ за убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги
Врз основа на форензичка анализа на мобилниот телефон на Џеф Безос, експертите се речиси сигурни дека најбогатиот човек во светот бил хакиран од Саудиска Арабија по наредба на престолонаследникот Мохамед бин Салман.
Според лондонски „Гардијан“, Безос, кој е сопственик на „Амазон“ и на „Вашингтон пост“, добил видеопорака на Ватсап од профилот од Салман во мај 2018 година, пет месеци пред убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги. Експертите велат дека е „голема веројатноста“ дека пораката содржела вирус, кој во наредните часови извлекол голем број податоци од телефонот. Саудиска Арабија ги отфрли таквите тврдења како апсурдни.
Инспекторите веруваат дека малициозен софтвер бил испратен од профилот на Салман, бидејќи се претпоставувало дека Безос нема да се посомнева во намерите на државникот со кого разговарал само неколку недели претходно на една вечера во Лос Анџелес. Во тоа време, де факто лидерот на кралството од Персискиот Залив беше пречекан во САД со отворени раце – од Холивуд, преку Харвард, до Белата куќа – како ново, посовремено лице на Ријад.
„Гардијан“ пишува дека не се знае точно која е содржината на податоците преземени од телефонот на Безос или што е направено со нив, но дека наводното хакирање влегува во вообичаените модели на однесување на Саудиска Арабија, која на различни начини се пресметува со јавните критичари или со секој што го доживува како таков.
Не е ни чудо што Саудијците во Безос видоа непријател, бидејќи тој поседува угледен весник што го ангажираше новинарот Кашоги и му даде простор да упати обвинувања против Ријад, а потоа упорно пишуваше дека бруталната ликвидација е нарачана од кралскиот двор, иако претседателот на САД Доналд Трамп порачуваше дека тоа не може да се утврди за да го зачува важниот сојуз.
Неколку недели откако Безос добил порака со малициозен софтвер, цел на хакерски напад бил и влијателниот саудиски дисидент Омар Абдулазиз, добар пријател на Кашоги, кој живеел во Канада. Двајцата во наредните месеци си размениле стотици телефонски пораки. Абдулазиз во тужба против производителот на шпионски софтвер, израелската фирма НСО, тврди дека Саудијците најверојатно му го прислушувале телефонот (што тие негираат) и дека неговата преписка со Кашоги им помагала на егзекуторите. „Ватсап“ исто така ја тужеше НСО, тврдејќи дека нелегално им помага на владите во светот да шпионираат мобилни телефони.
Новото откритие, исто така, се совпаѓа со обвинувањата што американскиот милијардер ги упати во почетокот на минатата година, откако неговите лични податоци во врска со вонбрачната афера, кои доведоа до развод, беа објавени во американскиот таблоид „Нешнл енквајерер“, само два месеца по атентатот на Кашоги. Весникот тврди дека тој дошол до преписката на Безос со љубовницата преку нејзиниот брат.
Објавените експлицитни пораки биле разменети само неколку дена по 1 мај 2018 година, кога Безос ја добил пораката од Салман. За аферата пишуваа и други весници на издавачката куќа АМИ, чиј сопственик, Дејвид Пекер, е долгогодишен сојузник на Трамп. Аферата го израдува претседателот на САД, кој не пропушта можност да ги критикува Безос и неговите компании. Во тоа време, тој се радуваше дека бил соборен од конкурент, кој, како што рече самиот, известувал многу подобро од лобирачкиот „Вашингтон пост“.
Безос по неколку недели објави дека Пекер го уценувал дека ќе објави нов компромитирачки материјал ако не престане да истражува како таблоидот дошол до материјалот, но дека тој не се согласил на тоа. Кога приватната истрага беше завршена во април, тој објави дека Саудијците го хакирале неговиот телефон за да се одмаздат за пишувањето за Кашоги и дека им ги предал сите информации на американските истражни органи. Саудиска Арабија и Пекер негираат дека Ријад има никаква врска со материјалот за вонбрачната афера на Безос. Според „Њујорк тајмс“, Салман во септември 2017 година во Саудиска Арабија се сретнал со издавачот, кој според истрагата на Министерството за правда на САД, помогнал во претходната кампања на Трамп, купувајќи ексклузивни, штетни изјави, кои потоа никогаш не ги објавил.
Безос во октомври, на годишнината од убиството на Кашоги, присуствуваше на комеморацијата пред саудискиот конзулат во Истанбул, заедно со свршеницата на саудискиот новинар, Атиџе Џенгинг. По првичните негирања, властите на Саудиска Арабија признаа дека Кашоги бил убиен. Судот во Саудиска Арабија им изрече смртни казни на пет обвинети и затворски казни на уште тројца други. Блиските соработници на принцот беа ослободени од сите обвиненија.
Известувачот за човекови права на ОН, Дејвид Кеј, најави оти ќе претстави нови детали за хакирањето на Безос. Тој во извештај од над сто страници тврди дека убиството на Кашоги е чин што Саудиска Арабија го извршила со предумисла и дека е нужно да се спроведе истрага за вмешаноста на највисоките функционери во кралството, вклучувајќи го и принцот Салман.