Филип Џиралди објаснува дека иранскиот ракетен оператор доживеал екстремни „пречки“, а транспондерот на украинскиот авион бил исклучен пред да бидат истрелани ракетите што го собориле
Филип Џиралди, бивш експерт на ЦИА за борба против тероризмот, шпекулира дека САД извршиле неколку сајбер-напади, еден врз иранскиот ракетен одбранбен систем и друг врз транспондерот на урнатиот украински авион.
Експертот објаснува дека иранскиот оператор на ракетниот систем доживеал екстремни „пречки“, а транспондерот на украинскиот авион на летот 752 бил исклучен неколку минути пред да бидат истрелани две руски ракети „тор“.
– Исклучувањето на транспондерот, кој на операторот автоматски би му сигнализирал дека авионот е цивилен, укажувало дека тој всушност бил непријателска цел. Операторот, кој бил информиран за можноста од појава на американски крстосувачки ракети, потоа истрелал проектили – објаснува тој.
Џиралди вели дека ракетниот систем „тор“, кој го користи Иран, е ранлив на хакирање или на „измами“ и дека транспондерот на авионот на летот 752, истовремено бил исклучен „за да се предизвика авионска несреќа што би ѝ се припишала на иранската влада“, пренесува „Новости“.
Според него, Пентагон наводно развил технологии што можат да ги измамат непријателските радари со лажно придвижувани цели.
– Истата технологија, се разбира, може да се користи за измена или дури и за маскирање на транспондерите на цивилен авион на таков начин што се испраќаат лажни информации за идентитетот и за локацијата. САД имаат потенцијал за сајбер и за електронско војување со кои истовремено ги попречуваат и менуваат сигналите што се однесуваат и на авионските транспондери и на иранската одбрана. Израел, веројатно, ја има истата можност – вели Џиралди.
Иран соопшти дека не може да исклучи „непријателска саботажа“ во случајот со соборениот авион. Иранскиот бригаден генерал Али Абдолахи сугерираше дека американско хакирање на противракетната одбрана предизвикало авионот на летот 752 да изгледа како непријателска ракета што се приближува. Иранскиот претседател Хасан Рохани, исто така, ги обвини САД дека се одговорни за уривањето на авионот.
– Коренот на секоја тага потекнува од Америка, па затоа не можеме да ги исклучиме како можна причина – нагласи тој.
Во меѓувреме, иранскиот парламент порача: „Ние сме во силна конфронтација со американскиот криминал и не дозволуваме грешки. Не можеме да дозволиме непријателот да злоупотребува проблеми“.
Џиралди заклучува дека американското електронско војување, односно уривањето на цивилниот авион и обвинувањето на Иран за тоа, „сугерира дека тоа е замислен и внимателно испланиран настан“ за да се создадат услови за наредната светска војна, пренесува „Зирохеџ“.