Во земјава, но и во регионот, веќе со години нема суштинска дебата на која ќе се дискутира за одреден проблем, во која ќе се посочат решенија и алтернативи, без да се напаѓа опонентот неаргументирано. Наместо дијалог, граѓаните се сведоци на постојани меѓусебни расправања, упаѓања во збор, навреди, кои често се и лични. Каде води сето ова и може ли да се промени на подобро?
Лошо однесување, празни ветувања и неподготвеност за суштинска дебата е главната одлика на редица македонски политичари што со години се присутни на домашната политичка сцена, а чии активности во пресрет на изборите закажани за април дополнително ќе се зголемуваат.
Неоспорен факт е дека во земјава, но и во регионот, веќе со години нема суштинска дебата, на која ќе се дискутира за одреден проблем, во која ќе се посочат решенија и алтернативи, без да се напаѓа опонентот неаргументирано.
Наместо дијалог, граѓаните се сведоци на постојани меѓусебни расправања, упаѓања во збор, навреди, кои често се и лични, така што никој и не може да се сети на културно ракување меѓу политичките противници пред и по дебатата.
Културата на дијалогот ја нема никаде, почнувајќи од односот кон државните институции, па до појавувањето во медиумите.
– Повеќе не можам да ги поднесам нашиве политичари. Порано следев парламент на телевизија, но гледајќи како се однесуваат таму ми се смачи. Пред камерите се караат и навредуваат, а потоа заедно пијат кафе. Исто е и на телевизија. Еден период почнав да гледам дебатни емисии, но и таму не може човек да слушне ништо суштинско освен меѓусебни обвинувања, упаѓања во збор и борба кој да го каже последниот збор пред одјавната шпица – вели Пеце Јанкуловски, претприемач.
Според него, ваквото однесување на денешниве политичари е одраз на домашното воспитување.
– Не знам што сакаат да постигнат политичарите со ваквите настапи. Тоа е одраз на едно невоспитание, една некултура да се сослуша соговорникот и со аргументи да се побие или поддржи нечија замисла. Наместо да слушнам добро образложена идеја, проект или план, јас слушам само меѓусебни расправања за тоа како било во минатото, никој не зборува за иднината – додава Јанкуловски.
Експертите што се занимаваат со оваа проблематика сметаат дека политичарите и не се свесни за улогата што ја имаат во општеството, а нивното однесување го поврзуваат со состојбата на самото општество.
– Однесувањето на политичарите само ја отсликува состојбата во која се наоѓа нашето општество, поточно какво општество, такви политичари. Начинот на кој настапуваат е наменски, но кај нас оние што ги поддржуваат, ќе продолжат да ги поддржуваат, без оглед на настапот. Нормално, тие што ги напаѓаат, ќе продолжат да ги напаѓаат – смета Синиша Пекевски, консултант за односи со јавност.
Тој додава дека кај нас речиси на прсти може да се избројат политичарите што вистински се однесуваат како застапници на народот.
– Кај нас политичари со културни манири речиси и не постојат. Нема ниво на политичка култура, ниту, пак, некакви црвени линии што не треба да се поминуваат. Повеќето наши политичари денес едно зборуваат и ветуваат, утре друго прават – смета Пекевски.
За други познавачи на состојбите однесувањето на политичарите е одраз на нивната нереализираност во реалниот живот.
– Политичарите како луѓе се малку проблематични. Можеби и не успеале во реалниот живот, туку ја одбрале политиката за да остварат некои свои лични цели, што е многу поедноставно, така што прескокнале некои нивоа на своето образование и воспитание. Друга причина се и нивното незнаење и непоседување вештини – вели Предраг Вујовиќ, експерт за односи со јавност.
Според него, со некултурната комуникација со своите опоненти само ги одбиваат од себе потенцијалните гласачи.
– Политичарите не се свесни дека не се практично во процес на комуникација со политичките неистомисленици, туку треба да комуницираат и со најшироката јавност. Ако им е целта да освојат што повеќе од избирачкото тело, тогаш треба да размислуваат и за тие што не ги сакаат, рационално да ги набљудуваат токму нив, а тоа се оние што се неопределени. На политичарите поважно им е да добијат поени кај своите луѓе и своите партии, а не се свесни дека не го искористиле како што треба својот политички настап и не добиле никакви поени кај гласачите – додава Вујовиќ.
Бидејќи изборната кампања во Македонија официјално сѐ уште не е почната, останува да се надеваме дека досегашниот тренд можеби, сепак, ќе се промени и меѓу политичките конкуренти ќе видиме натпревар на конструктивни идеи наместо мртва трка во расправања, навреди и меѓусебни омаловажување.