Општината Карпош аплицира на јавниот повик за реализација на „Програмата за намалување на загадувањето на воздухот за 2020 година“, за да добие средства за екогреење за основно училиште „Аврам Писевски“, во Бардовци.
Ваков сличен проект беше имплементиран и во детската градинката „Пролет“ во населбата Влае.
– Со промената на начинот на греење на градинката спречивме 11 килограми ПМ 10 честички на годишно ниво да завршуваат во нечии бели дробови. Сега сме фокусирани на замена на системот на греење во основното училиште „Аврам Писевски“, во Бардовци, кое е последна јавна општинска установа што се грее на фосилно гориво нафта – објаснува градоначалникот Стефан Богоев.
Тој додава дека во 2020 година ќе продолжат активностите со чистење на децениските депонии по должината на реката Вардар. Ќе се чисти на потегот од вештачката карпа, каде што моментално се работи на спортско-адреналинскиот парк, па до бунарите на реката Лепенец.
Според информациите од општината Карпош, за овој потег се одвоени три милиони денари за чистење на теренот и во тек се подготвителни активности за негово раззеленување.
– Следната недела ни пристигнуваат и две цистерни за миење улици, а наскоро ќе ги објавиме и јавните повици за субвенционирање велосипеди и електрични тротинети – вели Богоев.