Вработените непушачи во британска компанија со дополнителни денови за одмор
Вработените што не пушат цигари во една британска компанија се наградени со дополнителни четири дена одмор. Компанијата „Кеј-си-џеј трејнинг енд емплојмент солушнс“ во Англија сака да им надомести на работниците што не пушат. Управниот директор Дон Брајден ја вовел мерката иако и тој е пушач.
– Мерката е прифатена во компанијата и од пушачите и од непушачите. Не правам никаква дискриминација. Ако направите пауза за пушење, направете. Не го забранувам тоа. Но ако станува збор за три паузи по 10 минути на ден, тоа е еднакво на 16 дена во годината, базирано на осумчасовен работен ден. Ајде да кажеме дека еден пушач зема само една 10-минутна пауза за пушење на ден. Тоа се нешто повеќе од пет дена – објаснил Брајден.
Тој додал дека ако оваа одлука ги мотивира луѓето да се откажат од пушењето, тогаш тие ја имаат неговата целосна поддршка.
– Ме прашаа: Ако некој не пуши цели три месеци, дали ќе му дадам слободен ден? Секако. А, ако успеат да не пушат шест месеци, ќе им дадам два дена. Запомнете, поздравото работно место е посреќно работно место. Работам и ќе работам со луѓе што пушат, но сакам да се осигурам дека оние што работат додека другите пушат ќе добијат некаков надомест – додал Брајден.
Инвестициите во обновливи извори на енергија треба да се удвојат
Инвестициите во обновливи извори на енергија до 2030 година треба да се удвојат, за да може чистата енергија да се искористи со брзина потребна за постигнување на целите за одржлив развој и сузбивање на климатските промени, извести меѓународната агенција за обновливи извори на енергија ИРЕНА.
Во извештајот именуван „10 години: напредок на дело“ се тврди дека уделот на обновливите извори во глобалната енергија до 2030 година треба да се удвои за да се унапреди глобалната енергетска трансформација, за што инвестициите во обновливи извори за тој период би требало да достигнат 750 милијарди американски долари.
Според извештајот, за да се постигнат климатските цели, електричната енергија од обновливи извори би требало да заземе 57 отсто од глобалната енергија до крајот на третата деценија, во споредба со денешните 26 отсто.
Од агенцијата посочуваат дека поголем дел од потребните инвестиции во чиста енергија би можел да се обезбеди преку пренасочување на планираните инвестиции во фосилни горива.
„Нисан“ не го раскинува сојузот со „Рено“
Јапонскиот автомобилски гигант „Нисан мотор“ ги негира медиумските написи дека ја разгледува можноста од раскинување на сојузот со францускиот производител на автомобили „Рено“.
Лондонскиот деловен весник „Фајненшл тајмс“ информира дека директорите на „Нисан“ ја забрзале изработката на тајните кризни планови за потенцијално одвојување по финансискиот скандал во кој беше вклучен финансискиот директор Карлос Госн.
Изработката на плановите била „забрзана“ по бегството на Госн од Јапонија кон крајот на декември, напомнува ФТ, повикувајќи се на неименувани извори.
Од „Нисан“ соопштија дека тие не размислуваат да го раскинат сојузот со „Рено“.