Учесниците во сообраќајот во Скопје, но и низ Македонија, позитивно реагираат на една ретка појава во нашиот сообраќај, која заслужува да биде забележана. Имено, повнимателните возачи, но и другите, пред сѐ пешаците и велосипедистите, имаат ретка можност на службените возила на компанијата „Даути“ да ја видат налепницата со следниот текст: „Доколку имате забелешка или пофалба за возачот на ова возило, ве молиме известете нѐ на тел.“.
Интересна содржина што влева оптимизам дека некој сепак води грижа за почитувањето на сообраќајните правила и прописи, за културата во сообраќајот, за почитувањето воопшто. Некому можеби сето ова ќе му изгледа сосема небитно, незначајно, но во ситуација кога сите морални вредност се урнисани, еден ваков мал текст, сепак, влева надеж дека не е сѐ потонато.
Прекуглава ни е од некултурните возачи, кои не им даваат предност на пешаците на пешачки премин, кои точно ги погодуваат баричките со вода за да нѐ поплават кога мирно минуваме по тротоар, од оние што се замислуваат дека се Шумахер или Хамилтон, а да не зборуваме за оние што не водејќи грижа за околината, сообраќајниците ги третираат како огромен пепеларник или канта за отпад. Токму затоа, еден ваков позитивен пример заслужува да биде забележан.