Пикантни детали од свечените гозби на светските лидери
На патувањата во странство, лидерот на поранешната СФРЈ, Јосип Броз-Тито, го следела дегустаторска екипа што ги тестирала сите намирници, давајќи им ги прво на глувците што се носеле за таа намена, а доколку глувците преживееле, храната ја пробувале и дегустаторите. Дури откако и ним по извесно време немало да им се случи ништо од храната, јадењето било сервирано пред Тито. Притоа, освен глувците и хемиските реагенси за контрола на храната, послугата секогаш носела и намирници што би можеле да се приготват ако на претседателот не му се допаднела храната на домаќинот, како на пример врапците во Кина и опашот од алигатор во Камбоџа!
Пишува: Блаже Миневски
Во архивата на Тито се зачувани листи на јадења од службените ручеци и вечери со светски државници. Според нив, Тито пробал опаш од алигатор во Камбоџа, но одбил да јаде печени врапци во Кина! Меѓу врапците и алигаторите уживал во јадењето и пиењето, се предавал страсно, дури и неумерено, а гастрономското уживање многу често му било поважно од грижите за лично здравје. Освен тоа, некои од готвачите и келнерите што му биле на услуга тврдат дека бил љубезен газда и личност што се радувала на секој оброк. Кога на 21 септември 1944 година допатувал со советски авион во прва државничка посета на Москва, Сталин му приредил свечена вечера во својата дача во близината на Москва. Во записите што останале во архивата на рускиот протокол стои дека менито се состоело од повеќе јадења и пијалаци, црвен руски кавијар, маринирана руска есетра и моруна, кисели краставички, грузиски вински гулаш со кнедли, млади пилиња на скара на руски начин, маринирани печурки, уштипци и боровинки. Се пиеле вотка и грузиско вино. Ете, такви специјалитети јадел Тито ноќта меѓу 21 и 22 септември 1944 година во дачата на Сталин. А само неколку години подоцна веќе не сакале ни да се видат, а не пак да јадат пиле и да пијат грузиско вино. Во меѓувреме, Сталин му праќал атентатори што требало да го ликвидираат, а Тито во една пригода, по откривањето на еден од нив, пратил порака со следнава содржина: „Другар Сталин, престани да праќаш агенти со налог да ме убијат. Фативме веќе седум твои луѓе што имале намера да го направат тоа. Ако не запре тоа, ќе бидам принуден да испратам човек во Москва и, ако го направам тоа, нема да биде потребно да испратам друг. Јас ќе ти пратам само еден и работата ќе биде завршена!“
Елен кај Кенеди, полнети пиперки кај Асад!
По смртта на Сталин, Советскиот Сојуз полека почнал да спроведува реформи, а со тоа доаѓа и до затоплување на односите со Југославија. По покана од Хрушчов, Тито пристигнал во Москва на први и останал до 23 јуни 1956 година! Во заедничката декларација на двајцата претседатели меѓу другото било истакнато дека социјализмот има различни патишта на развој, а соработката меѓу социјалистичките земји и партии мора да се базира на „доброволност, пријателска критика и другарска размена на мислења“. Притоа Тито одржал говор на стадионот на Динамо пред повеќе од 90.000 луѓе, а потоа Хрушчов приредил свечен ручек. Што било послужено на свечениот ручек во Москва четиринаесет години по вечерата со Сталин? Според сведоштво на Бранко Трбовиќ, вработен како хемичар во Титовата лабораторија за посебна намена, стручњак задолжен за контрола на храната што се сервира пред Тито, ручекот кај Хрушчов се состоел од кавијар, пилешки црн дроб во сланина, еленски бут во сос од брусници и кнедли од компир. Била сервирана туршија, иако било јуни, а десертот бил пита со боровинки. Со ручекот се пиело грузиски коњак, потоа коњак „русија“, стар дванаесет години, вотка, грузиско бело и црвено вино. Не се знае колку парчиња црн дроб биле изедени во Москва, не се знае ни колку траела вечерата, но се знае дека Хрушчов во една пригода има изјавено дека Тито е „последниот комунистички цар“.
А „последниот комунистички цар“ во октомври 1963 година по вторпат престојува во САД. Посетата била реализирана од 17 до 25 октомври, односно само еден месец пред атентатот врз неговиот домаќин, претседателот на САД, Џон Ф. Кенеди. Тито бил прв социјалистички државник што ги посетил САД по кубанската криза. Во Вашингтон го пречекал претседателот Кенеди, кој приредил ручек во негова чест, а потоа и свечена вечера само за него и Јованка, на која присуствувала и Жаклина Кенеди. Мерилин Монро веќе една година и два месеци била мртва! Меѓу другото на вечерата биле послужени шампињони полнети со црн дроб, што ги препорачала сопругата на американскиот претседател. Освен шампињоните, биле послужени и шкампи со ориз на филипински начин, филе од канадски елен со сос од кикиритки, а како прилог варен зеленчук. За десерт била служена овошна салата во свежо пресечен ананас. Во менито што го зачувал Трбовиќ, оној што го проверувал буквално секој залак на Тито, и останал жив, стои дека се пиеле квалитетни калифорниски вина. За жал, полнетите шампињони биле последниот специјалитет што Кенеди го јадел заедно со Тито во Вашингтон. Следниот месец, на 22 ноември 1963 година, претседателот на САД е убиен во Далас, а на седумгодишнината од тој настан, односно на 11 октомври 1970 година, Тито е во посета на СР Германија, каде што домаќин му е канцеларот Вили Брант. Ручекот бил послужен во еден од најрепрезентативните дворци во Баварија. Според менито, се служеле свеж бакалар на морнарски начин, пржени краставици со кисела зелка и котлети од дива свиња. Како прилог била сервирана кисела репка со мелен компир, за десерт баварски крем, а се пиело бело вино „мосел“, рајнско црно вино „монарх“ и шампањ „гордон руж“. Сепак на Тито најмногу му се допаднале пржените крвавици, обарени колбаси од мелена смеса на свинска трбушка, крв и каша од хелда со сол и пипер.
Дали Тито ги јадел компирите сосе лушпата или пак ги лупел, нема податоци, но има податоци за тоа дека не сакал да јаде печени врапци во Кина! Врапците, сепак, доаѓаат подоцна. Претходно, три години пред посетата на Кина, Тито ја пробал сириската кујна. Зачувана е листата на јадења од ручекот што Хафез ел Асад, таткото на сегашниот претседател на Сирија, го приредил во Дамаск на 5 февруари 1974 година. На ручекот била служена богата локална храна, ирански кавијар, сириски погачки, потпечени полнети пиперки, динстани јагнешки ребра, руски биток, односно нешто како фаширани шницли, варен компир, француски шпагети со сос „винегрете“. За десерт Асад му препорачал „куп голан“ и пијалаци од хотелската винотека, но Тито сепак се одлучил за својата „ванга“, розе вино што послугата го носела со себе за време на неговите патувања во странство. Дали не му верувал на Асад, кој не пиел, или можеби винотеката не била баш репрезентативна? Меѓу другите јадења сервирани на трпезата кај Асад, треба да се издвои специфичниот специјалитет – потпечени полнети пиперки на сириски начин. Според Бранко Трбовиќ, Тито не било љубител на пржени работи, но пиперките на Асад сепак ги пробал, за разлика од печените врапци што три години подоцна му биле сервирани во Пекинг. Во 1977 година, од 30 август до 8 септември, осумдесет и петгодишниот доживотен претседател на СФРЈ пристигнува во официјална посета на НР Кина. Меѓу многубројните вечери и ручеци, организирани во негова чест, особено треба да се издвои вечерата што претседателот на Кина, Денг Сјаопинг, ја приредил во Конгресната палата во Пекинг.
На вечерата присуствувале 4.000 гости, менито се приготвувало во 16 кујни а послужувале 800 луѓе. Пред започнување на вечерата, неколку стотини млади девојки донеле влажни топли крпи, додека друга група донела суви. Тоа се повторувало по секое јадење, затоа што се јадело главно со раце. Послужувањето траело мошне долго, односно со здравицата вечерата траела околу три часа. Списокот на специјалитети послужени на вечерата е доста долг, но овде сепак би ги издвоиле црните јајца од потполошка стари десет години, сосот од лековите тревки, десетте вида кинески печурки, пилешката салата во лубеница, опашот од морско куче и печените врапци во сос од глогинки. Како десерт биле послужени печена диња во мед и крем наречен „Долина на кралевите“, а за пиење се нудело ракија со корен од женшен, ракија од ориз, кинески коњак, чај без шеќер, бело и црно мирисливо кинеско вино. Пилешката салата во лубеница се сервирала во половинка од издлабена лубеница, во која се ставало добро сварено, а потоа испечено на тенки резанки месо врз кое биле додадени многу зачини, сечкани краставички, мајонез, сок од лимон и сок од портокал за вкусот да биде кисело пикантен. Врз салатата биле додадени гранчиња од магданос, ливчиња од роза и друго цвеќе. Салатата се служела како предјадење. Според Титовиот дегустатор Трбовиќ, осумдесет и петгодишниот југословенски претседател со задоволство јадел перка од морско куче и црни јајца од потполошка извадени од песок, стари десет години, но одбил да јаде печени врапци во сос од глогинки со духовито образложение дека не може да ги јаде затоа што се „пролетери на птичјиот род“!
Багдадски ѓувеч кај Садам Хусеин!
Потоа, само две години подоцна, односно една година пред смртта, Тито е во посета кај Садам Хусеин во Ирак. Посетата е реализирана во февруари 1979 година, а свечената вечера е послужена во најрепрезентативната палата во Багдад. Во менито имало седум ирачки сосови, печена риба од реката Тигар, багдадски ѓувеч, односно овчо месо со ориз и зеленчук, говедско филе „шехерезада“, сервирано во специјални чинии, со многу зеленчук и украси, како и салата од варен карфиол со лимон. За десерт биле сервирани урми во сируп. Според обичаите, се пиеле домашни сокови, а за гостите имало пијалак по желба.
Притоа, се разбира, сето тоа претходно морало да биде одобрено за јадење од хемичарот Бранко Трбовиќ, кој дваесет и три години бил задолжен да ја контролира храната што се сервирала пред Тито. Всушност, целиот свој работен век го поминал работејќи во „лабораторијата за посебни намени“, следејќи го доживотниот претседател на сите патувања, а негова конкретна задача била да обезбеди храната да биде исправна и да ги спречи сите „случајни или неслучајни саботажи“, односно труења со храна. Формално бил вработен како хемичар во лабораторијата за посебни намени на Одделението за хемија и токсикологија, а лабораторијата што работела во кругот на Белиот двор била ангажирана исклучиво за претседателот Тито, високите југословенски раководители и странски државници што доаѓале во посета на Југославија. Ниту еден оброк не можел да биде приготвен без надзор на лекарите и лаборантите. Лабораторијата ја основале Русите веднаш по војната во 1945 година, а нивни стручњаци ги обучувале југословенските колеги до 1948 година. Во истата зграда биле и складиштата и фрижидерите во кои, по деталните прегледи, се складирале најквалитетната храна и пијалаци од Југославија и целиот свет. Готвачите и келнерите во резиденцијата смееле да примаат само продукти со ознака „А-У“, што значело „анализирано – употребливо“. Освен тоа, сите резиденции, па и резиденциите во Македонија, имале мали прирачни лаборатории во кои се анализирале готовите јадења. Тито сакал многу мрсна храна, па секогаш јадел повеќе сланина и џимиринки отколку салата. Јадел само белка од јајца, а сакал и пилешки крилца печени на рингла. За појадокот во 8.30 часот секогаш имало бело кафе, а џем и мед не сакал да види на масата. Ручекот секогаш почнувал во 13 часот со супа со домашни тестенини, а продолжувал со месо од мисирка, разни јадења од мелено месо, свежи телешки или свински коленици, но сепак најомилени му биле печените крвавици со кисела зелка и сарми во сите комбинации. Риба, ракови и јастози не сакал, а салата се сервирала само колку да има на масата. Во десет дена пита од јаболка јадел седум пати, а разни други пити со сирење трипати. Торти и ситни колачи не сакал. Вечерата секогаш се служела во седум часот. Кога барал прасешко, инсистирал тоа да биде прасе од шеесетина килограми, но од него секогаш отсекувал само парче сланина и тоа било сѐ што ќе изедел. Од жестоки пијалаци, пиел само виски „блек енд вајт“ и „чивас“ стар дванаесет години. Вискито секогаш го пиел со сода и со многу мраз, а од шампањ пиел само „бакарска водица“, која му ја правел пријател. Доколку за вечера бил служен кавијар, пиел само вотка. Пиво на трпезата имало ретко, а кога сепак се сервирало морало да биде чешко. На патувањата во странство Тито го следела дегустаторска екипа, која ги тестирала сите намирници, давајќи им ги прво на глувците што се носеле за таа намена, а доколку глувците преживееле, храната ја пробувале и дегустаторите. Дури откако и нив по извесно време немало да им се случи ништо од храната, јадењето било сервирано пред Тито. Притоа, освен глувците и хемиските реагенси за контрола на храната, послугата секогаш носела и намирници што би можеле да се приготват ако на претседателот не му се допаднела храната на домаќинот, како на пример врапците во Кина и опашот од алигатор во Камбоџа! Доколку потфрлеле глувците или дегустаторите, тука била Јованка! Тито имал голема доверба во неа, таа била последна линија на негова одбрана, па поради тоа кај себе држела мал пиштол за ликвидација. Ако сите служби откажат, Јованка требало да го заштити со својот живот, да загине за него… Барем до 1977 година, кога Тито и неговата сопруга Јованка целосно ја прекинале комуникацијата.