На првиот ден од новата година полицијата привела две лица, бидејќи при извршен претрес кај нив била пронајдена марихуана. На 1 јануари во 23.20 часот во Горно Нерези, полициските службеници од СВР-Скопје го лишиле од слобода Т.С. (24) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана.
– По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок – информираат од МВР.
На истиот ден, во 20.40 часот, на улицата Партизанска во Охрид, полициски службеници од СВР-Охрид го лишиле од слобода Д.К. (35) од Охрид, затоа што исто така при извршен преглед и кај него била пронајдена марихуана. Тој бил приведен во полициска станица и случајот бил целосно документиран.
Двајца, пак, од селото Банско добиле кривична пријава од вработени на СВР-Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање на промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Кривично ќе бидат гонети К.К. (38) и Х.М. (19).
Полицискиот билтен бележи и еден случај во Куманово за неовластено вршење јавен превоз. СВР-Куманово поднело кривична пријава против Н.К. (34) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. На 2.11.2019 на локален пат во селото Белановце, општина Липково, без регистрирана дејност и без лиценца со товарно возило „газ“, кривично гонетиот вршел јавен превоз на огревно дрво. Во полициските билтени многу често се евидентираат и лица што управуваат со моторно возило без возачка дозвола.