Традиционалната новогодишна изложба на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци која беше отворена синоќа во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ беше последниот културен настан во оваа 2019 година. На изложбата беа поместени дела од вкупно 30 автори од сите генерации на ликовни уметници од Кавадарци и мал дел од Тиквешијата.
Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци е едно од настарите друштва во Македонија. Формирано е пред 45 години во 1974 година како Друштво на млади ликовни уметници „Ластари“ од страна на група млади ликовни уметници од Кавадарци меѓу кои Кире Јосифов, Глигор Стефанов , Владимир Темков, Ристе Соколов и Ѓоко Дичев, за подоцна да се пререгистрира во 1996 година како Друштво на ликовни уметници ДЛУК. Годишната изложба која повремено беше и тематска, претставува пресек на минатогдишните достигнувања на ликовните уметници во Кавадарци и оние кои живеат и работат во странство.
Актуелната претседателка на друштвото уметницата Симона Манчева истакнувајќи го значајниот придонес на ликовните уметници во културниот живот на Кавадарци, во своето обраќање потсети на целите и задачите на друштвото во делот на афирмација на своите членови и остварувањето на нивните права.
– Со оваа изложба ние треба да ги согледаме нашите недостатоци, капацитети со кои располагаме и да се вратиме на целите и задачите. За мене уметноста е двигател и поттикнувач на истражувачкиот процес во наставата и воопшто во културниот живот на
современото општество. За своите вредност преку изложбите ДЛУК најмалку се докажува пред самите себе за своите вредности. Тоа треба да го забележат другите. ДЛУК во изминативе децении докажа дека уметноста секојдневно се доживува има свој континуитет и е составен дел на културниот живот на кавадарчани и пошироко – рече Симона Манчева новата претседателка на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци. Ми.М.