„НОВА МАКЕДОНИЈА“ ИСТРАЖУВА
Политичките аналитичари честопати знаат да заклучат дека хуморот и сатирата се важни барометри за демократскиот амбиент на една земја и тоа е така секаде во светот. Здравата демократија подразбира и високо ниво на продуховеност и здрава смисла за хумор. Во таа насока на темата хумор и сатира направивме кратка анкета меѓу домашните политичари. Колку нашите политичари имаат смисла за хумор, на какви необични случки се сеќаваат или можеби некоја порака или шега која би сакале да ја споделат со јавноста
Политичарите се луѓе кои во нивното секојдневие се справуваат со многу сериозни работни обврски, а македонските граѓани како по некоја навика се навикнати од овие државници да слушаат зборови кои честопати се поврзани со мнoгу сериозни прашања.
Сепак и политичарите, како и секој од нас, сакаат да се шегуваат, да кажуваат афоризми и вицеви, и на тој начин да покажат и една друга страна од својата личност, но и да ги разбијат стереотипите за професијата.
Познавачите на политиката честопати знаат да заклучат дека хуморот и сатирата се важни барометри за демократскиот амбиент на една земја и тоа е така секаде во светот. Здравата демократија подразбира и високо ниво на продуховеност и здрава смисла за хумор. Во таа насока на темата хумор и сатира направивме кратка анкета меѓу домашните политичари.
Колку нашите политичари имаат смисла за хумор, на какви необични случки се сеќаваат или можеби некоја порака или шега која би сакале да ја споделат со јавноста.
Членот на Централниот одбор на СДСМ, Хари Локвенец, вели дека кога германскиот политичар Ото фон Бизмарк, своевремено кажал дека тајната на неговиот успех била дека очекувал германските политичари да се занимаваат со политика, но и да приготвуваат колбасици, во тој стил нашиот соговорник вели дека тој очекува домашните политичари освен што ќе се занимаваат со политика, во наредната година да научат да приготвуваат и прилепски ширден.
Пратеникот и поранешен премиер Емил Димитриев раскажа своја шега за следната година на политичка тема.
– Како тргнала владата со реформи, за кратко ќе почнат Германците кај нас да бараат работа, па да ги видам како ќе положат сертификат за познавање на јазик, кумановски Б2 и струмички Ц3 – вели низ смеа Димитриев.
Стојанче Ангелов, претседателот на партијата Достоинство, потсетувајќи се на изборите во 2016 година, кога се надевал дека ќе се избори за пратенички мандат, вели на шега на своја сметка дека тој наместо да стане пратеник станал влијателен твитерџија.
Натаму, Ангелов, по објавеното видео кое беше хит на Интернет и на социјалните мрежи изминатава година, во кое поранешниот полициски генерал крши со својата глава ќерамиди, кусо за себе вели „празна глава ќерамиди не крши“.
Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, потсетувајќи се на својата работа за годината која изминува, раскажа несекојдневна смешна ситуација.
– На еден партиски редовен состанок, на терен меѓу гласачите, посетив едно од селата каде што нашата партија има свои гласачи. Јас очекував да имаме работен состанок со дваесетина луѓе, но бев запрепастен кога во селото ме пречекаа сите граѓани. Во својот говор пред да започне состанокот, општинскиот градоначалник зборувајќи на масата луѓе, во еден момент кажа „добровечер“ и потоа сите кои нѐ слушаа како на војнички одговор едногласно и несекојдневно возвратија „добровечер“. На мое запрепастување ситуацијата ми беше навистина смешна, но успеав да се контролирам и со сериозно лице и пристап да започнеме да работиме на терен – ни раскажа низ насмевка Стоилковиќ.
Пратеникот Рубин Земон вели дека во нашата работа многу често се случуваат анегдоти во сериозни ситуации, па не успеваме да реагираме соодветно, односно имаме дилема дали да се зачудиме или да се насмееме. Откако нештата ќе одлежат, некако полесно е да се насмееме.
– Во изминатава година, како пратеник поднесов предлог за измена на законот за празници, односно да се додадат за одбележување празнични денови за оние заедници кои во уставната преамбула се дефинирани како „други“. Од Владата добивме негативен одговор на предлогот, со образложение дека празнувањето на одредени верски празници ги задоволуваат критериумите за прославување на националните чувства на малцинствата. Но претседателот Пендаровски во својот новогодишен говор ја поддржа оваа иницијатива за празнично одбележување на националните чувства на помалите заедници во Македонија. Изедначувањето на верските со националните чувства јас денес го доживувам како политичка анегдота – вели Земон.
Актуелизми
– Дури и југот на некогашната татковина на нашите дедовци го доби името Северна!
– Откако својата љубов ја нарече Сонце, таа побрза да му зајде!
– Му потонаа сите бродови, па затоа реши да стане капетан на подморница!
– Ѝ беше верен како пес, па затоа таа му фрлаше понекоја коска!
– Откако сите работи му се разводнија, почна да се дави!
– За неписмените и за автостоперите, најважен прст е – палецот!
– Скокајте што подалеку напред, но внимавајте уште при залетот да не паднете во бездна!
– Најтешко е гордо исправениот човек да се протне низ мала врата!
– Подобро е во џебот да ви шушкаат крупни книжни пари, отколку да ви тропаат само железни!
– Само царот што редовно оди пешки таму каде што истото го прават сите цареви, нема проблем со затвор!
– Таму каде што сите доцнат, не се сметаат за точни дури и оние што секогаш доаѓаат навреме!
– Дури и безвремените не можат да траат вечно!
– Единствено за Нова година прасињата го заземаат најпочесното место на секоја трпеза!
– Давеникот во длабоки долгови и за највисока кредитна камата се фаќа!
– За некои нема место во рајот на небото, бидејќи незаконски си го направија уште на земјата!
– Им го покажа вистинскиот пат, а потоа им бараше патарина за да го ползуваат!
– Не му беа сите овци на број, бидејќи и тој беше овца за математика!
– Единствено ветерот им симнува капа на сите без исклучок!
– Инаетот претставува најголем дел од човековиот карактер!
– Единствено стоногалката мора стопроцентно да се сопне за целата да падне!
– Духовно загубениот човек ниту физички не може да се пронајде себеси!
Кристина и Андреј Русјакови
(По повод јубилејот на нашиот дедо Иван Русјаков, 65 години пишување хумор од кои 60 години само афоризми, вклучувајќи ги и оние за ,,Нова Македонија“, еве нешто и од нас, неговите внуци за продолжување на традицијата во нашата фамилија.)
Дури и официјалните средби се зачинети со хумор
И светските лидери практикуваат шегување
Хуморот е алатка и актуелен тренд на светската политичка сцена.
Сфаќајќи ја моќта на овој тренд, актуелните светски политичари често го користат, се разбира, на еден софистициран начин за време на нивните јавни настапи. Така, на една од нивните последни средби рускиот претседател го повика Ердоган да го посети Сибир, затоа што на минус 40 степени Целзиусови подобро ќе ја запознае Русија.
– Се надевам дека нема да ме оставиш таму – му возвратил турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
По што Путин насмеан изјавил „кога ќе бидеш подготвен, јави се“.
Во сличен манир и со голема доза хумор и американскиот претседател Доналд Трамп често милува да се пошегува. Неодамна Трамп за време на донаторска вечера за републиканците во неговата вила на Флорида, пред новинарите ја поздрави одлуката со која кинескиот претседател ќе има доживотна функција. Тој изјави дека тоа е многу добро, шегувајќи се дека и САД би можеле да ги спроведат потребните реформи и да овозможат исто сценарио.
– Си Џинпинг е сега доживотен претседател. Успеа во тоа Си Џинпинг. Прекрасен е… Мислам дека тоа е прекрасно – изјави Трамп со шеговит тон.
Колку хуморот е примчив и кај јавноста и граѓаните говорат и податоците дека
редица комичари ја користат својата шанса и за успех во политиката.
Можеби најпознатиот случај беше регистриран во Украина, каде што на последните претседателски избори во земјата победи комичарот Володимир Зеленски.
Друг комичар што се занимава со политика е германецот Мартин Зонеборн.
Магазинот „Политико“ профилирајќи го Зонеборн пишува дека тоа е човек што не е типичен политичар, туку едноставно е личност што преку јавно искажана сатира ги искажува апсурдите на политичкиот систем во Европа.
Натаму, во светската политика има повеќе слични вакви примери. Исландскиот комичар Јон Гнар во 2008 година ја основал партијата Најдобра партија и на изборите истата година станал градоначалник на Рејкјавик. Во Италија комичарот Бепе Грило се смета за пионер на пробивот на комичарите во политиката, кој во 1980-тите бил еден од најпопуларните во земјата. Џими Моралес, кој бил еден од најпознатите комичари во Гватемала, во април 2016 г. се кандидира за претседател на државата, а половина година подоцна, по победата на изборите, станува шеф на државата. Еден од најпознатите комичари на Ерменија, Хајк Марутијан, во септември 2017 година учествуваше во локалните избори на земјата и со 80 проценти освоени гласови во првиот круг извојува победа и стана градоначалник на ерменскиот град Ереван.