Од печат излезе четвртата книга од едицијата светска сатира, со наслов „Руски парадокси“. Оваа книга се состои од три дела. Првиот дел го сочинуваат најпознати руски поговорки, вториот дел се состои од мудри мисли на големите руски писатели од светски глас, Толстој, Достоевски, Пушкин, Набоков, Бродски, Шолохов и други. Третиот дел всушност е превод на антологијата руски афоризми „Големо во мало“ на српскиот афористичар Александар Чотриќ. Книгата има 323 страници, а издавач е домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница.
– Во создавањето на оваа книга учествуваат околу 160 автори, со околу 2.000 афоризми. Книгата кон крајот на јануари ќе биде промовирана во Скопје и во Виница. Ова е четврта книга од истиот издавач, кој претходно ги издаде и трите книги од едицијата „Трагачи по парадокси“ – истакна нејзиниот уредник и учесник во подготовката на оваа книга Миле Ѓорѓијоски.