Признанието за најдобар фудбалер во Првата лига на Македонија (МФЛ) го доби репрезентативецот Висар Муслиу, најдобра фудбалерка е Ленче Андреевска…

Младиот македонски репрезентативец Елиф Елмас (20), фудбалерот на италијанскиот Наполи со кого се пласира во осминафиналето на Лигата на шампиони (ЛШ), е добитник на признанието за најдобар македонски фудбалер интернационалец, што го доделува Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

– Среќен сум поради ова признание. Заслуги за него имаат и моите соиграчи од репрезентација со кои имавме успешна квалификациска кампања за Европското првенство, кое за нас уште не е завршена. Во март нѐ очекува многу битен натпревар, па и два, добри натпревара, важни за нас и да се пласираме на завршниот турнир. Лично имам многу желби, соништа, си посакувам здравје, другото само ќе си дојде. Им посакувам многу здравје, среќа и успеси на сите во Македонија – изјави Елмас.
Елмас со изборот за најдобар македонски фудбалер во странство влезе во посебниот клуб фудбалери што биле прогласувани за најдобри во таа категорија и претходно во младинска конкуренција. Тој беше прогласуван за најдобар млад фудбалер во 2016 и во 2017 година.

На пригодната свеченост во Македонскиот народен театар беа доделени и други награди и признанија во повеќе категории за најдобрите во македонскиот фудбал за сезоната 2018/2019. Специјално признание за придонес во македонскиот фудбал доби Стефан Ристовски, член на португалскиот Спортинг, а признанието за најдобар фудбалер во Првата лига на Македонија (МФЛ) го доби репрезентативецот, во минатата сезона играч на тетовска Шкендија, Висар Муслиу.

Најдобар стрелец во МФЛ е поранешниот фудбалер на Ренова, Влатко Стојановски, кој сега настапува за францускиот Ним. За најдобар тренер беше прогласен Југослав Тренчовски од освојувачот на Купот на Македонија, Академија Пандев од Струмица.
Во младинска категорија, признанието за најдобар играч му припадна на Џемаил Ибиши од Вардар, за најдобра фудбалерка беше прогласена Ленче Андреевска од Драгон, а за најдобар тренер во младинска категорија, Филип Деспотовски од Вардар. Во футсал, признанието за најдобар играч го доби Таулант Исмаили, а за најдобар тренер Зоран Лекиќ. Најдобар судија е Марјан Гоцевски од Струмица.

Признанија добија и истакнати спортски работници за придонесот во развојот на македонскиот фудбал, судијката Ивана Пројковска, долгогодишниот новинар во МРТВ, сега во пензија, Атанас Костовски и постхумно, Слободан Вујчиќ. 


Најдобри по категории за 2019 година
Репрезентативец во странство Елиф Елмас (Наполи)
Фудбалер во Македонија Висар Муслиу (Шкендија)
Придонес за развојот на
репрезентативниот фудбал Стефан Ристовски
Тренер Југослав Тренчовски (Академија Пандев)
Стрелец Влатко Стојановски (Ренова, Ним)
Судија Марјан Гоцевски
Ферплеј, екипа Академија Пандев
Клуб (младинци) Шкендија
Младинец Џемаил Ибиши (Вардар)
Стрелец (младинец) Флорент Рамадани (Шкендија)
Тренер (младинци) Филип Деспотовски (Вардар)
Фудбалерка Ленче Андреевска (ЖФК Драгон)
Стрелец (жени) Ели Јаковска (ЖФК Истатов)
Тренер (жени) Илија Мандаров (ЖФК Драгон)
Играч (футсал) Таулант Исмаили (Шкупи)
Тренер (футсал) Зоран Лекиќ (Шкупи)
Придонес за афирмација на
македонскиот фудбал Ивана Пројковска
Награда за животно дело Атанас Костовски
Посебно признание (постхумно) Слободан Вујчиќ

НАЈДОБРИ ПРЕТХОДНИВЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ
ГОД. ВО МАКЕДОНИЈА ВО СТРАНСТВО
2019 Висар Муслиу Елиф Елмас
2018 Бесарт Ибраими Енис Барди
2017 Стефан Спировски Енис Барди
2016 Бесарт Ибраими Илија Несторовски
2015 Филип Гачевски Александар Трајковски