Во најновиот, мајски број на книжевниот весник „Литературнаја газета“, орган на Сојузот на руските писатели, објавен е избор од македонската поезија во препев на Олга Панкина, поетеса и раководителка на Македонскиот културен центар во Москва. Во изборот е претставена генерацијата што на литературната сцена во Македонија доаѓа во 1970-тите и 1980-тите години, објавени се стихови од Ефтим Клетников, Веле Смилевски, Санде Стојчевски, Ристо Лазаров, Раде Силјан, Катица Ќулавкова, Славе Ѓорѓо Димоски, Вера Чејковска, Милош Линдро, Бранко Цветкоски, Весна Ацевска и Братислав Ташковски.
Во воведниот текст на изборот се пишува за Македонија како лулка на словенската писменост, а за современата македонска поезија се подвлекува дека таа е богата и разновидна со тематските и стилските специфики.
– Нејзините класици Кочо Рацин, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски и Матеја Матевски се доволно познати во Русија. Доаѓа време на руските читатели да им претставиме дел од творештвото на генерацијата, која е преведувана во светот, високо оценета и наградувана со државни и со меѓународни признанија – се наведува во воведот.
„Литературнаја газета“ е книжевен весник со најдолга и најзначајна традиција во Русија.