На денешната седница Владата го усвои предложеното законско решение на Министерството за правда со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни. Станува збор за предлог-закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.
-Со овој закон, се исправа една долгогодишната неправда направена кон лицата кои беа жртви на постапките пред Комисијата за верификација на факти и други надлежни органи, за кои јавноста беше запознаена и преку случаите на нарачаните лустрации, споменувани во објавените телефонски разговори. По сила на овој закон во целост стануваат ништовни сите правни акти, дејствија и мерки донесени, односно преземени од Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи. Воедно, со овој закон во целост стануваат ништовни сите правни последици што ги произвеле правните акти, дејствија и мерки – соопшти Министерството за правда.
Оштетените лица од донесени акти и одлуки на Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи или нивните наследници доколку тие се починати, имаат право на надомест на штета со поднесување на тужба пред надлежен суд против Република Македонија, согласно одредбите од Законот за облигационите односи, во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на овој закон.
-Оваа Влада продолжува да исправа неправди. Нарачаните процеси од така наречената лустрација ќе останат само лоша меморија од времето на режимот. На денешната редовна седница го утврдивме текстот на Предлог-законот за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација. Со новото предложено решение, се пристапува кон отстранување на штетните последици по лицата кои беа жртви на овие постапки пред Комисијата за верификација на факти, пред надлежните судови и пред другите органи. Со предлог-законот, за оштетените лица од наведените акти и дејствија, се предвидува надоместок на штета. Ја заокружуваме правната рамка на реформата во правосудството во однос на обезбедувањето на независноста и непристрасноста и со законска рамка ги поништуваме мерките и правните последици од процесот на лустрација – објави на својот профил на Фејсбук премиерот Зоран Заев.