Еколошки филтер со зеолит за прочистување на водата, воздухот и почвата, систем за детекција на гасови во воздух во работни простории, пречистителна станица за отпадни води која може да се користи за наводнување особено во земјоделието се само дел од еко-проектите на кои работат ученици од повеќе основни и средни училишта, наградени на „Предизвик за млади истражувачи“ од Фондот за иновации и технолошки развој.
Меѓу шесте еко проекти претставени на мини-саем во Битола е и еколошкиот филтер за намалување на штетното влијание на јаглерод диоксид изработен од учениците од „Димитар Влахов“ од Струмица.
– Изработивме еколошки филтер направен од зеолит, минерал кој помага да ги прочистиме водата, воздухот и почвата. Најпрвин изработивме прототип, а потоа и филтер кој го поставивме на ауспухот од автомобил. Мерењата покажаа дека количеството јаглероден диоксид се намали за 30 проценти – вели ученичката Бранкица Митова.
Ученици од основното училиште „Манчук Матак“ од Кривогаштани изработија пречистителна станица за отпадните води, која потоа може да се искористи за наводнување и е особено применлива во земјоделието.
– Со нашиот проект со природни ресурси до еколошки здрава животна средина изработивме прототип на пречистителна станица за отпадни води. Отпадната вода минува низ ротатор што ја води низ различни комори на пречистителната станица и потоа се добива употреблива вода за наводнување која преку хидросистем се доставува до земјоделците. Овој проект е пред се наменет за земјоделците кои особено во летните периоди се соочуваат со недостиг на вода за наводнување. Нашиот план е ова решение да им го понудиме и на општините, посебно во реоните каде што земјоделството е примарна дејност – вели ученикот Христијан Боцовски.
Учениците од приватното училиште САБА креираа систем за детекција, анализа и следење на присуството на штетните гасови во воздухот во работни простории, нивните врсници од средното скопско учичлише Раде Јовчевски Корчагин со нивниот проект „Грин Аир“ засадија специјални растенија во училниците како како природни прочистувачи на воздухот, додека учениците од ООУ Стив Наумов работата на проверка на квалитетот на воздухот во училниците со поставување на сензори-мерачи со кои се мери влажноста, температурата и присуството на јаглерод диоксид во воздухот. Средното училиште „Јосип Броз Тито“ Битола пак ја идентификува концентрацијата на тешки метали во почвата во регионот на Битола и нивната географска распространетост, особено кај РЕК Битола.
Во програмата наменета за млади истражувачи која втора година по ред ја спроведува Фондот, до сега се наградени 54 училишта кои работат на проекти во кој се вклучени над 500 ученици.
– Целта на оваа програма е да се поттикне критичкото и креативно размислување кај младите и да се охрабрат да останат тука и да развијат свој бизнис. Покрај Предизвик за млади истражувачи, дополнително развиваме уште две програми со Американската агенција за меѓународен развој-УСАИД и со УНИЦЕФ, чија цел е да се креираат ученички компании со кои потоа ќе може на ваквите проекти да им се додаде и комерцијална вредност. Oтвораме нови можности за младите и оваа поддршка ќе продолжи, бидејќи државата ги поддржува младите да се охрабрат да развијат свој бизнис и да останат тука – истакна Јован Деспотовски, директор на ФИТР.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска најави дека и во иднина ќе поддржуваат вакви настани и училишни програми.
– Овој саем е од особено значење затоа што преку овие проекти се излегува од теоријата на хартија и им овозможува на младите луѓе низ реални експерименти и низ реални истражувачки методи, она што го научиле во теоријата да го применат во пракса. Ова отвора широки врати за младиот ум, за жуборот на творечкиот дух, но и на иновативноста и навистина во оваа насока треба и да продолжиме. Особено ме радува што младите луѓе се заинтересирани за ваквиот вид на истражување, но и наставниот кадар кој дава сериозна поддршка во ваквите програми – рече Петровска.
На последните два повика за млади истражувачи се пријавија по 100 училшта. Деспотовски најави дека поради сѐ поголемиот интерес, на почетокот од второто полугодие ќе биде објавен и третиот повик „Предизвик за млади истражувачи“.