Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина, а тоа го манифестира и со неучеството на официјални лица од извршната власт на состаноците со делегацијата од Крим, изјави Ивица Дачиќ, по повод дипломатската нота што Киев ја достави до Белград.
Министерството за надворешни работи на Украина деновиве искажа длабока загриженост поради посетата на „окупациската администрација на Крим“ на Белград, кога делегацијата на властите од Крим се сретна со пратеници во српското собрание. Притоа се одржа и конференција на која се говореше и „за признавање на волјата на народот на Крим“. Од украинската влада оваа посета ја сметаат за „непријателски чин“ и како обид на Русија да ѝ даде легитимитет на „илегалната окупација на Автономната Република Крим“.
Министерството за надворешни работи на Украина ја повика на разговор советничката од Амбасадата на Србија во Киев, Светлана Кошутиќ, на која ѝ беше искажан протестот поради посетата на претставниците на кримската администрација на Белград.