Една година подоцна, граѓаните на Република Македонија можат да ги споредат и измерат очекувањата и резултатите од работата на актуелната влада, но и вниманието да го насочат кон стапиците и надежите што претстојат
Колку брзо или полека да минува еден годишен циклус од 365 дена, стана вообичаено по тој временски период да се сумираат и анализираат ефектите од работењето. Што било замислено, што било остварено. Анализата особено добива тежина кога станува збор за работењето на влада на една држава од чии постапки, одлуки и потези зависат иднината и судбината на сите граѓани. Кога, пак, станува збор за влада на една земја, би требало нејзината работа да биде транспарента и секојдневно подложна на анализа и очекување за исполнување на нејзините предизборни ветувања, но по период од една година електоратот веќе има легитимно право да очекува и конкретни резултати. До крајот на седмицава, навршува една година од промената на власта во Македонија, а премиерот Зоран Заев најави дека тогаш ќе биде ефектуирана и првата реконструкција на Владата, како своевидно проширување на владејачката коалиција за зголемување на тесното парламентарно мнозинство. Една година подоцна и граѓаните на Република Македонија можат да ги споредат и измерат очекувањата и резултатите од работата на актуелната влада, но и вниманието да го насочат кон стапиците и надежите што претстојат.
И политичките аналитичари и испитаниците во анкета за јавното мислење, се согласуваат со согледувањето дека главниот фокус во работата на македонската влада, во изминатава една година, е надворешната политика.
– Една година подоцна, според она што го прикажа во своето работење, слободно може да се зборува за „влада за едно прашање“, односно за Влада што треба да реши само еден проблем. Кога станува збор за оваа влада на Република Македонија, јасно е дека од неа се очекува (а и таа е насочена само на тоа) да го реши наметнатиот спор за името што државата го има со Грција. Сѐ е насочено кон надворешната политика. Може да се каже дека само во образованието се спроведени одредени реформи, кои се сосема во ред. Сепак, тоа е сосема мал сегмент во она што треба со својата работа да го покрие Владата, дури и ако се земе предвид целокупниот ангажман и на премиерот. Логички се поставува прашањето што работат другите министерства и другите 1.500 избрани функционери? Економијата е умртвена, регистрирани се само 5 отсто капитални инвестиции (и тие изработени од претходната влада) – вели политикологот Владимир Божиновски.
Од друга страна, политичките аналитичари и испитаниците во анкетите за јавното мислење се согласуваат со согледувањето дека главниот фокус во работата на македонската влада, во изминатава една година, е надворешната политика
Покрај тоа, Божиновски согледува дека кулминацијата на довербата оваа влада, предводена од СДСМ (во коалиција со ДУИ), ја достигна на локалните избори, во октомври, минатата година, но во понатамошните 6-7 месеци не се работело на исполнување некои клучни предизборни ветувања. И понатаму останува нереализирано ветувањето за зголемување на платите, односно просечна плата од 500 евра во Македонија. Според БДП, во последнава година, Македонија е последна во регионот, додека претходно била на водечките позиции. Една од главните точки за кои Владата ветуваше дека ќе ги спроведе се коренити реформи во судството, но во периодот од една година, еден Судски совет беше распуштен, а новоформираниот го предводи лично премиерот. Божиновски смета дека и начинот на изгласување на Законот за употреба на јазиците не им се допаѓа на граѓаните.
– Најголемата грешка на сите влади во Македонија е што ги отфрлаат добрите проекти на нивните претходници. Сега се поставува прашањето дали ова е максимумот што може да го даде оваа Влада? Досегашните резултати сигурно ќе се одразат и на рејтингот на Владата и на партијата СДСМ, како нејзин главен конституент. Зашто нивното гласачко тело на последните парламентарни избори (во 2016 г.) беше дифузно. Не беа сите лојални следбеници на СДСМ. Меѓу нив имаше и разочарани од претходната власт, неопределени…, а тие веќе изразуваат резигнираност од резултатите на оваа влада – вели Владимир Божиновски.
Деновиве се објавија и најновите анкети на јавното мислење за работата на Владата во првата година од нејзиното владеење и генералниот резултат покажува дека 49 отсто од граѓаните се задоволни од работата на Владата, наспроти 47 отсто што се незадоволни. Прашани за тоа во која насока се движи ситуацијата во земјата изминатата година (со работата на Владата), 36,8 отсто одговориле дека се движи во „негативна насока“, 35,1 отсто во „позитивна насока“, за 22,4 отсто „ситуацијата е иста“, а 5,7 отсто одговориле со „не знам“.
– Во првата година од својата работа, Владата се соочува со реалноста на она што треба да го направи и опсегот на агендата што ја постави. И реалноста не е толку розова. Тоа што го наследи како економско-политичка состојба очигледно било полошо од очекувањата на оваа влада. Па дискрепанцијата меѓу очекувањата на електоратот и она што реално може да го испорача оваа влада, секако ќе предизвика засилена критика. Но електоратот е свесен и дека главниот ангажман на Владата е во надворешната политика, па сметам дека незадоволството во јавноста ќе биде избришано како со цунами, доколку се испорача нешто од тоа на што го има ставено главниот акцент во своето работење. А тоа е решение на спорот за името што на Македонија ѝ е наметнат од Грција, или датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ – размислува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Од друга страна, според сите анализи и испитувања на јавното мислење, граѓаните го посакуваат членството во ЕУ и во НАТО, но не се подготвени на какви било понатамошни отстапки во однос на грчките уцени. Со други зборови, тоа значи дека огромното мнозинство граѓани не прифаќаат промена на уставното име, ниту пак навлегување во националните интереси и во идентитетските прашања.
Отчет за сработеното насловен: „365 промени за 365 дена“
По повод една година работа на Владата, премиерот Зоран Заев одржа прес-конференција на која ги презентира промените и реформите, кои тој и неговиот министерски тим сметаат дека ги спровеле во текот на изминатата една година. Тој најави дека на веб-страницата на Владата ќе биде објавен документ за сработеното насловен: „365 промени за 365 дена“.
– Во името на граѓаните се вложивме да направиме промени. Зад нас е една година промени, со кои Македонија ја градиме како земја за сите граѓани. Македонија се менува секој ден кон подобро – рече премиерот Заев.
Тој посочи некои од реформите во сегментите каде што смета дека Владата најмногу се вложила, а тоа се: економски раст и раст на платите, коренити и брзи промени за градење држава по европски правила, услуги за секој граѓанин, Македонија како едно општество, едно семејство за сите, а за интегрирање во НАТО и во ЕУ вели дека решаваат спорови и притоа го зајакнуваат идентитетот.
Како една од спецификите на неговата владина гарнитура, Заев ја истакна нејзината отвореност, како влада што не крие ништо и им дава поддршка на слободата на медиумите.
Во однос на судството, Заев рече дека е почната темелна реформа за враќање на вербата во институциите, за правна сигурност и заштита на правата и слободите на граѓаните. Во однос на реформите во полицијата, Заев истакна дека е воведен независен механизам за контрола на полицијата, со што се враќа вербата во полицијата, а со тоа завршува полициската држава што беше во претходниот режим.
За реформите во образованието, Заев ја спомена стратегијата за образование, која го трансформира во образование без притисок, односно повеќе нема екстерно тестирање, ревидирана е кембриџ-програмата, ќе има помалку предмети и помалку часови и нов закон за високо образование.
Тој исто така го истакна и затворањето на прашањето со стечајците, по 20 години, со закон со кој се обезбедува решавање на животното прашање на 5.000 стечајци. Премиерот Заев се осврна и на Законот за употреба на јазиците, со кој, како што рече, не само што се обезбедува соодветна употреба на македонскиот јазик, туку се обезбедува и правична употреба на јазиците на другите заедници во земјата. Во однос на политиката кон соседите, тој рече дека Македонија конечно има одлични односи со сите 5 соседи и притоа ги истакна Договорот за добрососедство со Бугарија и тековните преговори со Грција за решавање на спорот.
– Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството никогаш не било поблиску. Јазикот и идентитетот се потврдени, потребно е лидерство, а не само празни зборови – рече Заев.