Решавањето на прашањето за нуклеарната програма на Корејскиот полуостров не може да биде целосно ако не се укинат санкциите кон Пјонгјанг, истакна денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој престојува во работна посета на Пјонгјанг.
Лавров рече дека преговарачите треба да пронајдат решение за денуклеаризација и смета дека тоа не може да биде направено во еден чекор.
– Невозможно е во еден чекор да се обзбеди денуклеаризација, затоа сигурно треба да има некои фази и да дојде до доближување во секоја од тие фази – рече Лавров по средбата со севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг-хо.
Шефот на руската дипломатија повика на преземање чекори со кои би се спречило попречување на договорите постигнати на самитот меѓу двете Кореи и договорите за одржување самит меѓу Северна Кореја и САД.
Лавров рече дека Русија ги поздравува контактите кои се развија меѓу Северна и Јужна Кореја, како и меѓу Северна Кореја и САД.