Бојан Јовановски – Боки 13 во судницата го испитува сведокот Ана Камчева, а двајцата доаѓаат во конфликт па судијката ги опоменува да се смират.
„Ве толерирам, преќутувам, за да не дојде до сцена, ама вие двајца си правите муабет, наместо испитување“, им вели судијката Васка Николовска Масевска.
„Какви беа нашите средби“, ја праша Јовановски Камчева на што таа рече дека не се сеќава.
„Како што можев да видам вака памтењето добро ве служи така да ајде, кажете“, и рече Јовановски на Камчева.
Тој ја праша и дали нејзините средби со директорот на поранешната УБК Горан Николовски се одвивале во просториите на УБК, на што Камчева одговори “не”.
„Две средби имав, по мое барање беа надвор од МВР зошто таму беше Ременски и ми беше страв дека се ќе биде пренесено”, рече таа.
Дали се сеќавате на вечерите организирани во вашата велелепна палата, беше едно од прашањата што Јовановски и го постави на Камчева.
„Дали се сеќавате дека подготвувавте посебни вечери за мене“, продолжува тој, но овие прашања не му се дозволени.
Тој го нарекува сопругот на Камчева, бизнисменот Орце Камчев „вашиот сакан и чесен сопруг”, а судијката повторно го прекорува дека дава квалификации.