Во Филмскиот музеј во Франкфурт е отворена ретроспективната изложба „2001: одисеја во вселената – 50 години“, во чест на култниот филм на Стенли Кјубрик од 1968 година. На отворањето на изложбата присуствуваа и режисерот Јане Алтипармаков и фотографката Наташа Гелева.
– По официјалната покана на извршниот продуцент на Стенли Кјубрик, Јан Харлан, ја имаме честа да присуствуваме на свеченото отворање на изложбата по повод 50-годишнината од култниот филм „2001: одисеја во вселената“ во Филмскиот музеј во Франкфурт како претставници на македонската културна сцена. Овие два дена ќе изработиме и ексклузивна фоторепортажа за поставката – изјави Алтипармаков.
Изложбата за половина век од филмот, кој и официјално од Американскиот филмски институт е прогласен за најдобар научнофантастичен филм, е составен дел од „Кјубрик-фестивалот“, иницијатива од фондацијата „Стенли Кјубрик“. Содржини на „Кјубрик-фестивалот“ досега се поставени во Мексико и во Данска, а дел од фестивалот беше и Македонија, преку ревијата филмови на Кјубрик на минатогодишниот „Скопски филмски фестивал“.