И следната сезона Металург има желба и амбиција да биде дел од ЛШ. Идната недела преку РФМ ќе ја испратиме нашата апликација до ЕХФ. Се надеваме дека со играта, квалитетот и со создавачкиот концепт ќе ги задоволиме критериумите на ЕХФ и пак ќе бидеме дел од ракометната елита, изјави Зоран Цветановски, претседателот на Металург
Македонскиот вицепрвак Металург ќе аплицира за дополнително место во ракометната Лига на шампионите (ЛШ) за наредната сезона. Во текот на наредната недела, преку канцеларијата на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Металург ќе побара од Европската ракометна федерација (ЕХФ) на Македонија повторно да ѝ додели дополнително место во ЛШ за сезоната 2018/2019. Вардар како првак има директно место во групната фаза.
– И следната сезона Металург има желба и амбиција да биде дел од најсилното европско клупско натрпеварување, Лигата на шампионите. Денеска ни завршуваат обврските во домашното првенство (првенствен меч со Вардар – н.з.), а во текот на идната недела преку канцеларијата на РФМ ќе ја испратиме нашата апликација до ЕХФ. Се надеваме дека со нашата игра, нашиот квалитет и со создавачкиот концепт ќе ги задоволиме критериумите на ЕХФ и повторно ќе бидеме дел од ракометната елита – ни изјави Зоран Цветановски, претседателот на Металург.
Според пласманот на листата на ЕХФ, на Македонија ѝ следува едно директно место во ЛШ, за шампионот, потоа две места во Купот на ЕХФ, како и едно место во Купот челинџ на ЕХФ. Благодарение на својата одлична игра во минатото, Металург и претходните три сезони се избори за тоа дополнително место, за т.н. вајлд-карта, која се добива доколку се исполнат критериумите на ЕХФ за посетеноста, ТВ-правата, пласманот во домашното првенство, навивачите, успехот во претходните натпреварувања на ЕХФ, спонзорите, имплементација на правила, договори, регулативи и сл., маркетиншката покриеност и друго. Одлуката за тоа дали и во наредната сезона Металург ќе добие место во ЛШ ќе биде позната до крајот јуни. Металург е постојан учесник во ЛШ седум сезони по ред, во кои има два пласмана во четврт-финалето и едно во осминафиналето.
Како македонски вицепрвак, Металург следната сезона повторно ќе биде дел и од Регионалната лига, која за следната сезона најави проширување со најмалку две екипи и нов формат на натпреварување. Досега играа 10 тима, а со проширувањето можно е екипите да бидат поделени во две групи.