Со воведување регулатива за подобрување на бизнис-климата, Кина ќе преземе дополнителни чекори за поттикнување врвна пазарно ориентирана бизнис-клима, регулирана со цврста правна рамка. Државниот совет предводен од премиерот Ли Кечианг неделава одлучи да се направат поголеми напори за справување со тешкотиите со кои се соочуваат сите видови играчи на пазарот во нивното деловно работење.
Регулативата за подобрување на деловното опкружување, која е предвидено да се применува од 1 јануари следната година, се базира на успешните практики и искуство во Кина во изминатите години од трансформацијата на владините функции и подобрувањето на деловното опкружување. Регулативата, исто така, постави правна рамка како услов за изградба на врвно пазарно ориентирано деловно опкружување.
На состанокот на државниот совет беше побарано од локалните власти и оддели брзо да издадат придружни мерки и да ги усогласат сите актуелни уредби и нормативни документи со регулативата преку ревидирање или укинување на сите недоследности.
– Раздвижувањето на пазарот е клучен чекор во борбата против надолниот економски притисок. Ќе продолжиме со намалување на даноците и со реформа на владините функции за подобро деловно опкружување во Кина – рече Ли.
Во октомврискиот извештај за деловно работење на Светска банка, Кина се најде на 31-то место меѓу 190 економии или за 15 места погоре во однос на лани.
– Со напорна работа во изминатите години, направивме забележителен напредок во подобрувањето на деловната клима, која е признаена од меѓународната заедница. Сепак, мора да ги препознаеме слабите аспекти и големиот потенцијал за подобрување, како големиот јаз меѓу источните, централните и западните региони и помеѓу урбаните и руралните области – рече Ли.
На состанокот беше истакнато дека загриженоста на играчите на пазарот ќе се смета за приоритет, како што се бара со регулативата. Барањата за административно одобрување ќе бидат уште порационализирани. Списокот со предмети за ревидирање на национално ниво ќе биде формулиран следната година и нема да биде дозволен никаков нов услов за одобрување од Владата надвор од списокот. Времето потребно за почнување бизнис ќе биде скратено. Бројот на национални стручни квалификации ќе биде и повеќе од преполовен до крајот на 2020 година. Пристапот до пазарот дополнително ќе се олесни. Барањата за квалификација, регистрирање капитал и деловна локација на играчите на пазарот во услужниот сектор ќе бидат значително релаксирани. Непотребните барања за лиценцирање на непрофитните медицински и образовни институции ќе се отстранат.
На состанокот беше побарано и дополнително ревидирање на деловните трошоци на владините институции, комерцијалните банки, индустриските здруженија и на агенциите за посредување. Неоправданите надомести во логистиката ќе бидат ревидирани, а таксите за редовни контејнери за увоз и извоз ќе бидат сведени под 400 долари пред крајот на наредната година.
Дискриминаторските практики во врска со пристапот до пазарот, критериумите за квалификација и индустриските субвенции за деловните субјекти заради сопственичка структура ќе бидат отстранети за да се промовира непристрасен надзор, со кој сите компании ќе бидат третирани како еднакви.
Владините услуги ќе бидат надградени. Времето потребно за општа регистрација на недвижнини и регистрација на хипотека на ниво на градови и окрузи, наредната година ќе се намали на помалку од пет работни дена. Практиката на предусогласување со правилата ќе биде целосно искористена.
– Мора да поставиме приоритети за подобрување на деловното опкружување. Треба да ги засноваме на добрите резултати во последниве години во однос на намалувањето на времето потребно за почнување бизнис и раздвојување на деловните лиценци од дозволите за работа и да ги зголемиме напорите во овие два аспекта. Владините сектори треба решително да се дерегулираат, меѓу другото и во однос на намалувањето на барањата за издавање дозволи и зајакнување на надзорот за усогласеноста – нагласи Ли.
За подобро да се скроти и наведе катализаторската улога на рејтингот на деловното опкружување, на состанокот беше побарано и подобрување на системот на индикатори и начини за евалуација во однос на одговорите од играчите на пазарот, врз основа на пробниот рејтинг во одреден број градови од 2018 година. Целните реформски мерки ќе бидат воведени во слаби области, како што се плаќање данок, добивање кредит и прекугранично тргување во согласност со напредните меѓународни стандарди. Практиките што се покажаа ефективни и добро прифатени од играчите на пазарот ќе бидат промовирани со побрзо темпо, за континуирано да се подобри пазарната средина во Кина.
– Пред да се воведе каква било политика што вклучува јавни интереси и учесници во пазарот, Владата мора темелно да истражува и да ги следи соодветните процедури. Треба да се разгледаат погледите на сите засегнати страни за да се добијат добри очекувања – заклучи Ли.