Ѓорческа е прва носителка на турнирот во Анталија (Турција), каде што во неделата го освои претходниот турнир во тој град, нејзин десетти во кариерата во поединечна конкуренција
Лина Ѓорческа (во моментов е 435-та на листата на ВТА) се пласира во осминафиналето на тенискиот турнир во Анталија, Турција (награден фонд 15.000 долари), кој се игра на тврда подлога. Таа во првото коло ја победи Сафо Сакелариди (1.087-та на ВТА) од Грција, со 6-1, 6-2, за еден час и 10 минути игра. Во второто коло Ѓорческа, која е прва носителка на турнирот, денеска треба да игра со Џени Дуерст од Швајцарија (827-та на листата на ВТА).
Според специјализираните интернет-страници, за изработка на ранг-листа на ВТА во живо, Ѓорческа со новите освоени бодови се очекува да напредува на листата во поединечна конкуренција (официјалната се објавува секој понеделник), а до вчера напредокот беше девет места (пласманот, секако, зависи и од резултатите на конкурентките).
Ѓорческа минатата недела го освои трофејот на претходниот турнир во Анталија, што беше нејзин десетти во кариерата во поединечна конкуренција (има и 41 во игра на двојки). На турнирот во Анталија настапува и Магдалена Стоилковска, која вчера играше со Анхелина Калита од Белорусија.