Фотографија: Зоран Антоски

Во Музејот на македонската борба, пред голем број колеги, роднини, пријатели и познаници, својата прва самостојна книга ја промовира Наташа Диденко, со работен наслов „Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации во Македонија“.

Промотор на првиот самостоен труд на Диденко беше Биљана Ристоска-Јосифовска, која во своето навраќање на овој труд на Диденко нагласи, дека за релативно кус период таа успеала да обработи обемна и автентична литература, од каде ги црпи сите сознанија од оваа област. Книгата изобилува со автентични фотографии и ракописи и е прв труд од овој вид издаден во земјава. Се работи за бројка од 250 културно-уметнички организации од кои дел функционираат и денес, а дел едвај врзуваат крај со крај или пак воопшто не постојат.

Авторката Диденко во својот краток осврт нагласи дека ова е нејзина прва самостојна книга и дека во подготовка е и вториот труд, што се очекува да излезе од печат за дванаесетина месеци, а овој циклус ќе биде заокружен и со третата книга од оваа област, која се очекува светлината на денот да ја види во наредните две до три години.

– Јас сум презадоволна од одзивот и целокупната организација на оваа промоција, и благодарам на Дирекцијата за култура и уметност, која е воедно и издавач на оваа книга, а ја потпомогна и самата организација на промоцијата. Првата моја самостојна книга е прво монографско издание од ваков вид, нејзината главна улога е во научната фела, а ќе побуди интерес и кај пошироката јавност. Првото издание ги опфаќа културно-уметничките организации, во второто издание се планира да се опфатат културно-уметничките манифестации во периодот од 1945-1991 година, а за третата книга се уште размислуваме што се ќе биде опфатено – истакна Диденко.

З.А.