Културните установи и уметнички манифестации во Венеција, вклучувајќи го и 58-то Биенале на уметноста, привремено беа затворени поради последиците од исклучително лошото време и поплавата, која е една од најголемите во последните 50 години, а однесе и два живота во Венецијанскиот Залив.
Биеналето на уметноста во Венеција повторно е отворено деновиве, а организаторите наведуваат дека засега нема големи оштетувања во изложбените простори во Џардини и Арсенале, но дека инспекцијата ќе продолжи.
Црквата „Свети Марко“ исто така е поплавена, што е четврти пат во последните две децении, а шести пат во изминатите дури 1.200 година. Како што изјавија црковните официјални лица, постои опасност да дојде до непоправлива штета, особено на пониските мозаици на ова здание од 9 век.
Театарот „Фениче“ ја откажа концертната програма предвидена за 13 и 14 ноември, наведувајќи дека благајната не работи поради поплавата. И музејот „Пеги Гугенхајм“ беше затворен, како и изложбата од колекцијата „Пино“ во палатите „Граси“ и „Пунта дела Догана“.
Нивото на водата на плоштадот „Свети Марко“ премина еден метар, а на поединечни делови во градот водата достигна висина од 1,87 метар. Од 1923 година, кога почнаа мерењата, тоа е само нешто помалку од рекордно забележаната плима во 1966 г., која изнесувала 1,94 метар.
– Градот е на колена – рече венецискиот градоначалник, наведувајќи дека штетата од поплавата изнесува неколку стотини милиони евра, но дека не станува збор само за материјална вредност, туку и за иднината на градот воопшто.
Катастрофата најмногу го погоди културното наследство на Венеција.