Фудбалскиот Суперкуп на Шпанија во следните три години ќе се игра во Саудиска Арабија и првпат во завршницата ќе се најдат четири екипи. Во полуфиналето, на 8 и на 9 јануари в година ќе играат Реал Мадрид – Валенсија и Барселона – Атлетико. Финалето е на 12 јануари на стадионот „Крал Абдула“, кој е со капацитет од 62.000 седишта, во Џеда, вториот град по големина во Саудиска Арабија.
Финалистите треба да добијат по 12 милиони евра, а полуфиналистите по 8,9 милиони евра. Саудиска Арабија за организацијата на овие натпревари во 2020, 2021 и во 2022 година на Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) ќе ѝ плати и дополнителна сума пари. Ова е огромна промена во однос на поранешните мечеви што се играа во почетокот од сезоната во Шпанија, кога клубовите ги делеа парите од продадените билети и добиваа процент од ТВ-правата што ги има РФЕФ, најмногу до три милиони евра.
Во август 2018 година мечот од шпанскиот Суперкуп првпат се играше во странство, во Мароко. Тогаш Барселона, која е најуспешна во ова натпреварување со 13 триумфи, ја совлада Севилја со 2-1.