Значајната посета на кинескиот претседател Си Џинпинг на Грција го потврди она што обете држави го нарекуваат „нова ера“ во билатералните врски, во пресрет на западната загриженост за растечката глобална наметливост на Пекинг, пишува „Гардијан“.
Атина го посла црвениот тепих за „вујко Си“ (кинескиот претседател е ословуван како вујко Си од медиумите на најмногубројната светска држава со цел да биде претставен како мудар лидер со татковски пристап – н.з.), додека централно-десничарската влада се обидуваше да профитира од грчката улога како „портата на Кина“ кон Европа.
– Оваа посета отвора ново поглавје од одлучувачко значење во веќе одличниот однос меѓу Кина и Грција. Тоа фундаментално го надградува нашето стратешко партнерство – рече грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.
Двете страни потпишаа 16 трговски договори од разновидни области како банкарството, туризмот и сончевата енергија.
Тридневната тура е прва на Си во Атина. Посетата следи речиси една недела откако грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се врати од Шангај, каде што кинескиот претседател ја нагласи можноста Грција да стане „логистички центар“ за претовар на кинеска стока што оди кон запад.
На вчерашниот состанок со Мицотакис, Си вети дека ќе ја „продлабочи соработката“ меѓу земјите за кои цврсто верува дека се тесно поврзани со заедничкото чувство за историско наследство.
– Ние сме древни цивилизации и треба да си подадеме рака за да им донесеме поголеми придобивки на нашите народи – му порача кинескиот претседател на грчкиот премиер.
По неколку часа од започнувањето на билатералните разговори, Атина официјално го одобри проширувањето на операциите на „Коско“, државната компанија за испорака, во пристаништето со проект или „мастерплан“ во вредност од 600 милиони евра, кој ќе има за цел кинеските инвестиции да достигнат 2,5 милијарди евра во Грција. Проектот има за цел да ја забрза улогата на Пиреј, како центар за кинеските пратки, кои сега можат да заштедат милиони во однос на испораката од Азија до Европа преку Суецкиот канал.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео за време на посетата во октомври ја предупреди Грција да не прифаќа кинески зделки кои изгледаат „премногу добри за да бидат вистинити“. Во воведниот говор тој ја обвини Кина дека „употребува економски средства за принудување на земји во договори од долготрајна корист на Пекинг и ги остави своите клиенти заглавени во долгови“. С.Ку.