Во Македонскиот народен театар во тек се подготовките за новата претстава „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев. Според драматургот на претставата Дарко Јан Спасов, насловот е позајмен од истоимената збирка кратки пиеси издадена пред точно 20 години и е приредена од театрологот Јован Ќирилов. Од изборот на четириесетина пиеси од исто толку автори, се издвоени единаесет, кои со својата драматуршки фрагментирана форма градат една заокружена сценска слика – калеидоскоп низ кој се прави пресек на театарот од првата и дел од втората половина на претходниот век, а чии врзивни елементи се тоталитаризмот, недоразбирањето, тегобноста, зачуденоста, времето како не(с)фатлива категорија, општата состојбата на апсурд. Секоја од овие пиеси „минијатури“ на Муза Павлова, Чехов, Хајнер Милер, Каринти, Фридман и др. автори, од својата „неконцизна“ основа го повикуваат хуморот како спас од вителот на безизлезноста и гротеската што неретко е опачина на слободата.
Во претставата играат: Снежана Коневски-Руси, Габриела Петрушевска, Марија Новак, Нино Леви и Кире Ѓоревски.