Дали разногласието меѓу бугарските владици може негативно да се одрази во комуникацијата меѓу двете цркви и дополнително да го усложни и забави процесот за решавање на статусот на МПЦ, е една од дилемите што се наметнуваат во македонската јавност

Бугарската православна црква се соочува со сериозна поделеност во своите редови во поглед на иницијативата за активно вклучување во решавањето на македонското црковно прашање. Меѓу владиците во Синодот на БПЦ постојат дијаметрално спротивставени позиции за улогата да го прифатат предизвикот да бидат промотори на идејата поведена од Македонската православна црква – Охридска архиепископија за признавање на автокефалноста на МПЦ, а за возврат БПЦ да го добие статусот на мајка-црква.

Дури тројца бугарски владици, кои истовремено се и членови на комисијата за разговори со МПЦ, изминатиот период излегоа со свои јавни коментари на оваа тема, а во сите се препознаваат нивни различни гледишта на актуелните состојби.
Дали ваквото разногласие меѓу бугарските владици може негативно да се одрази во комуникацијата меѓу двете цркви и дополнително да го усложни и забави процесот на решавање на статусот на МПЦ е една од дилемите што се наметнуваат во македонската јавност. Втората дилема оди во насока дали повлекувањето на БПЦ од чествувањето на јубилејот 1.000 години од Охридската архиепископија, на 27 и 28 мај годинава, значи и нејзино негирање на континуитетот и поврзаноста на МПЦ со ОА или, пак, е резултат на повлекување од идејата да биде промотор на автокефалноста на МПЦ.

ТРОЈЦА ВЛАДИЦИ НА РАЗЛИЧНИ СТРАНИ

Русенскиот митрополит Наум остро се спротивстави на идејата бугарски владици да дојдат во Охрид на прославата на илјадагодишнината од Охридската архиепископија, обвинувајќи ја МПЦ дека ја краде бугарската историја. Тој е еден од оние што сметаат дека БПЦ може да има сериозни последици ако продолжи да се заложува за решавање на статусот на македонската црква.

– Секакви тврдења дека БПЦ не треба да се плаши од евентуална шизма со еднострано и самоволно признавање на МПЦ е плод на апсолутен стремеж кон безредие, а поддржувачите на тој став немаат никакво право да се изјаснуваат како православни христијани. Во врска со писмото од страна на митрополитот Стефан од Скопје, од кое се бара БПЦ да стане мајка-црква на МПЦ, сакам да појаснам дека во оригиналниот документ од ноември 2017 години јасно е забележано дека МПЦ-ОА ќе ја признае БПЦ како мајка-црква тогаш кога таа ќе ја признае нејзината автокефалност, што значи нивната желба не е безусловна – напишал бугарскиот митрополит Наум.

Веднаш потоа, старозагорскиот митрополит Кипријан, кој е претседател на комисијата за разговори со МПЦ изјави дека БПЦ и покрај одлуката да не присуствува на прославата во Охрид за јубилејот на ОА, не ги прекинала контактите со МПЦ и дека продолжува да презема активности за воспоставување контакти со другите цркви во насока да се реши канонскиот статус на МПЦ.

– Една од задачите на комисијата е токму таа да води дијалог и консултации со помесните православни цркви, барајќи начини и согласност да се постигне саканиот резултат, без да се нарушуваат каноните. Категорично сакам да констатирам дека секакви шпекулации за наметнување раскол кон БПЦ не одговараат со реалноста, бидејќи комисијата на БПЦ по таканареченото македонско прашање не спроведе антиканонски дела – изјавил бугарскиот митрополит Кипријан.
Последната изјава на влијателниот пловдивски митрополит Никола, кој исто така е член на комисијата за прашањето на македонската црква, дава сосема друг контекст на улогата на ова тело.

– За македонското црковно прашање се ангажиравме, зашто бевме ангажирани. Дојде време јасно да се каже дека суштинската помош, која БПЦ може да ја даде е во препорака ако сметаат МПЦ и СПЦ дека е неопходно да се обратат до Вселенската патријаршија и да замолат за решавање на проблемот да бидат искористени древните канонски процедури и помошта на вселенскиот патријарх – истакнал пловдивскиот митрополит Николај.

ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА КАКО ОПЦИЈА

Ваквите различни гледишта на некои од бугарските владици, според аналитичарите во Бугарија, покажуваат дека во БПЦ можеби изгледа дека има кавга за македонското црковно прашање, но во суштина станува сѐ појасно дека Бугарската црква постепено се откажува од идејата да ѝ помогне на МПЦ.

Според новинарот и верски аналитичар Горан Благоев од Бугарија, изјавите на бугарските владици јасно ја покажуваат тенденцијата на БПЦ за повлекување од улогата што ја презедоа за македонското црковно прашање.

– Митрополитот Николај во својата изјава на оваа тема, во една од речениците кажува сѐ. Тој истакна дека се ангажирале, зашто биле ангажирани, што значи кај БПЦ уште на почетокот немало искрена желба да се преземе улогата на мајка-црква. Јасно е дека БПЦ нема моќ и авторитет да има каква било улога по ова прашање, а и таа се наоѓа под силен притисок од други православни цркви. Сметам дека она што го вели владиката Николај да ѝ се помогне на МПЦ да се обрати до Вселенската патријаршија е најмногу што може во овој момент да го направи БПЦ – истакна аналитичарот Благоев.