Во кривичниот суд во Скопје, со сослушување на сведоците и оштетените за сообраќајната несреќа кај Ласкарци, која се случи во февруари, продолжи судскиот процес за обвинетите во случајот.
Прва за несреќата сведочеше 22-годишна девојка која се здобила со фрактури и тешки телесни повреди. Таа не се сеќаваше на детали од несреќата бидејќи се онесвестила по ударот во првата ограда. Рече дека се приклучува на кривичното гонење и бара отштета.
Вториот сведок, Музафер Зибери, кој живеел покрај автопатот на стотина метри од местото каде што се преврте автобусот, рече дека го слушнал звукот на ударот во оградата и видел како се превртел автобусот.
– Бев во дворот на куќата каде што падна автобусот. Го видов како се преврте и се стрчав веднаш со детето на брат ми. Веднаш го зедов возилото, за една минута бевме таму. Кога пристигнав автобусот беше во нива превртен со тркалата нагоре – рече Зибери.
Се присети дека имало чад и извици и го изнел веднаш апаратот за прва помош.
– Под автобусот имаше дете заглавено со нозете и викаше за помош. Говореше на телефон со татко му од Гостивар, велеше тато дојди да ми помогнеш – се присети сведокот.
Зибери рече дека прво во автомобил го качил шоферот на автобусот заедно со уште двајца патници и ги однел во болница. Првин не знаел дека станува збор за шоферот, но потоа дознал. Сведокот кажа дека додека ги возел кон болницата, шоферот го удирал по ногата и му велел да вози побавно.
Обвинети за несреќата кај Ласкарци се сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, вработениот во компанијата „Дурмо турс“, Ремзи Мифтари, машинскиот инженер Игор Ѓорѓиевски и возачот Маноил Трифуновски.
На обвинетите им се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Во сообраќајната несреќа загинаа 16 луѓе, а 38 беа тешко повредени.