Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска го прими во посета претседателот на партијата „Самоопределување“ од Косово, Албин Курти.
На средбата на која присуствуваа и пратениците Мухамед Зекири од Собранието на Република Македонија и новоизбраните пратеници од „Самоопределување“ во косовскиот парламент Фиторе Пацоли и Либурн Алиу, беа потврдени исклучително добрите односи меѓу двете земји и се разговараше за идната соработка која има силни потенцијали да ги зајакне билатералните врски во интерес на граѓаните на Македонија и Косово.
Во текот на разговорот на средбата како приоритети се издвоија проектите за инфраструктурно поврзување, меѓу кои, освен автопатот Скопје-Блаце, се издвоија како особено добредојдени патните поврзувања меѓу Тетово и Призрен, како и дооформувањето на капацитетите на граничниот премин Јажинце кои во голема мерка ќе ја олеснат комуникацијата на граѓаните и на бизнис иницијативите меѓу градовите од западниот дел на Македонија и југозападниот регион на Косово.
На средбата меѓу премиерот Заев и лидерот на партијата „Самоопределување“ од Косово, Курти, беше нагласено дека одржувањето на добрите односи и новите иницијативи за соработка меѓу двете земји, е од исклучително значење и за Западен Балкан и за секоја земја во регионот одделно од аспект на заедничките аспирации за членство во ЕУ.