Врачување на наградите за краток расказ на „Нова Македонија“

Наградите ќе им бидат врачени на добитниците в среда, во 11 часот, во кафулето „Капри“

Раскази со модерен израз и духовити и досетливи решенија добија награди на годинашниот традиционални Конкурс за краток расказ што го распишува најстариот македонски дневен весник „Нова Македонија“. По објавувањето на годинашните добитници (Петре Димовски за „Во трка за животот“, Симона Јованоска за „Последниот кат“, Ленче Милошевска за „Пештер“, Тони Попов за „Гугутки“, Лилјана Пандева за „Дупка“ и Емилија Гиноска за „Ентелехија“), жирито во состав Александар Прокопиев, селектор, и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура и претставничка на „Нова Македонија“, го образложува својот избор.
Наградите ќе им бидат врачени на добитниците в среда, во 11 часот, во кафулето „Капри“.

– Како и секоја година, радува огромната бројка раскази што пристигнуваат на овој конкурс, што покажува дека жедта за пишување кај нас не стивнува. Напротив, таа од година на година се засилува. Во една општа смисла, секогаш во сите тие добиени текстови се наоѓаат и такви што всушност и не се раскази во вистинската смила на жанрот, кои имаат суштински, основни пропусти, но има и добар број многу коректно напишани раскази. Годинава бројот на коректните раскази беше доста добар. Текстовите што заслужуваа внимание ги разгледувавме многу трпеливо и ги читавме по неколкупати. Остана една бројка од 15 до 20 раскази што заслужуваат да бидат објавени. Голем дел раскази беа на современи теми и беа напишани досетливо и духовито – вели писателот Александар Прокопиев, селектор на Конкурсот.
Уредничката на редакцијата за култура на весникот „Нова Македонија“, Весна Дамчевска, смета дека близу двесте ракописи пристигнати на адресата на „Нова Македонија“, со назнака „За Конкурсот за краток расказ“, е бројка што потврдува дека Македонците се пишувачка нација.

– Секоја година одново сме изненадени од огромниот интерес на помалку или повеќе познати автори што се пријавуваат на конкурсот со свежи и нови идеи, многу од нив задоволувајќи ги критериумите на издржана наративна структура и вештина во изразот. При селекцијата, некои од ракописите не влегоа во конкуренција за наградите поради недоволната зрелост и вештина во пишувањето, наша претпоставка е дека се работи за млади автори што допрва треба да се доизградат. Други беа отфрлени поради неисполнување на основните правописни стандарди, што значително влијаеше на стеснувањето на кругот на фаворити, но, како и да е, позитивен е впечатокот дека краткиот расказ, како иницијална форма на секоја добра проза, и преку овој конкурс покажува дека е инспиративен за најразлични раскажувачки постапки. Уште поважно е тоа што во духот на времето добар дел раскази беа поврзани со современи теми и со нов модерен израз – вели Дамчевска.
Секој од шесте избрани раскази носи различен и видлив авторски белег, со раскажувачка умешност да се доловат атмосферата и ликовите, а настанот што се опишува да се збогати со слоевитост на раскажувањето. Наградените раскази се свои и различни еден од друг.

– Првонаградениот расказ „Во трка за животот“ на Петре Димовски е напишан возбудливо, монтажно, како филмско сценарио, но со една подлабока порака што ја носи, порака за животната трка и трката со животот. Напишан е со многу духовити решенија, ја има таа нота на непредвидливост и хумор и е доследно изведен од почетокот до крајот – вели Прокопиев.
Второнаградениот расказ на Симона Јованоска, „Последниот кат“, според комисијата, исто така нуди неочекувано решение и зборува за крајната метаморфоза на луѓето што живеат загубени во својот свет во големи висококатници, на крајот преобразувајќи се во стаорци.

– Третонаградениот „Пештер“ на Ленче Милошевска е еден класичен расказ, меѓутоа развиен на многу добар начин. Во својата суштина, во својата приказна е традиционален, но во своето решение и начинот на кој го прави тоа дејствува многу свежо. Врзан е со два временски периода, детството и сѐ што се случува тогаш, и подоцна, кога главниот јунак е возрасен. Пештерата тука дури може да се сфати како еден симболичен приказ – вели Прокопиев.
Комисијата забележа дека низ мноштво раскази провејуваат мотиви на животни. Еден од откупните раскази е токму таков.
– Расказот „Гугутки“ на авторот Тони Попов го има мотивот на гугутките, меѓутоа сместени во една приватна приказна што зборува за човечката неслога, а гугутките се само декор, многу умешно направен, на една многу лабава и истрошена приказна за љубовта – се вели во одлуката на жирито.
Наградениот расказ на Лилјана Пандева, „Дупка“, пак, е оригинално решение за потребата на човекот да има свој простор за осамување во една брза и алчна стварност. Напишан е на суптилен начин, во кој главниот јунак всушност е еден душек, како симболика на закрилата и заштитата на самостојноста на човекот во овој преполнет и нервозен свет.

– Расказот „Ентелехија“ на Емилија Гиноска е многу духовит, можеби најдуховит од сите. Зборува за една нервозна жена, која е соочена со низа нервози во секојдневието, иако работи во меѓународна асоцијација за коректно однесување на граѓаните – стои во образложението за наградите.
По врачувањето на наградите в среда, избраните раскази редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда во дневниот весник „Нова Македонија“.
К.Р.