Од 4 ноември, Германската амбасада и Гете Институт Скопје на македонската публика ќе ѝ ја претстават највлијателната образовна установа во областа на архитектурата, уметноста и дизајнот – Баухаус, кој оваа година го слави својот 100-годишен јубилеј. По тој повод Ве каниме во Кинотека и Музејот на современа уметност.
Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје во соработка со Музејот на современа уметност-Скопје, претставува 50 фотографии од Германија и од светот на берлинскиот фотограф Жан Молитор. Фотографиите ја прикажуваат архитектурата на Модерната од сите нејзини најразлични аспекти. Жан Молитор патува низ светот веќе десет години, поттикнат од визијата да создаде меѓународна фотоархива на градбите на Модерната.
Во проектот „бау1хаус“, Молитор има за цел да го документира меѓународното влијание на Баухаус врз развојот на модерната архитектура. Притоа, тој сака да ги прикаже глобалните врски и космополитската размена на модерното градење. Од 2009 година, фотографот Жан Молитор од Берлин патува низ светот во потрага по наследници на Баухаус – во Берлин, Казабланка, Штутгарт или Хавана, Санкт Петербург или Гватемала, Виена или Букаву во Конго. Фотографот лично ќе го претстави својот проект во Скопје.
Термин: Вторник, 5 ноември, 20.00 ч.
Место: Музеј на современа уметност (ул. Самоилова бб, Скопје)
Воедно сакаме да Ве информираме дека во cреда, 06. 11. 2019, во 19:00 ч. на истото место ќе има проекција на филмот „Духот на Баухаус“ на Нилс Болбрикер и Томас Тилш. Потоа следи дискусија на темата значењето на Баухаус во Скопје.
Во понеделник, 4 ноември, Гете Институт Скопје кани на патувачката изложба „баухаус имагиниста“ во Кинотека. Изложбата е дел од истоимениот меѓународен проект на Гете Институтот.