Поранешниот министер за култура и долги години директор на Народниот театар Битола, Благоја Стефановски-Баге, е годинешниот добитник на наградата „4 Ноември“ за животно дело што Општина Битола ја доделува по повод 4 Ноември – денот на ослободувањето на Битола.
Благоја Стефановски е роден во Битола на 7 март 1953 година. Дипломирал на отсекот за драмски актери на Факултетот за драмски уметности во 1975 година. Од 1975 до 1980 година бил директор на Битолскиот народен театар . Бил претседател на Фестивалот „Браќа Манаки“, претседател на Советот и селектор на драмската програма на Фестивалот „Охридско лето“ и претседател на Фестивалот „Војдан Чернодрински“.
Од 1994 до 1998 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија. Од први ноември 2002 година до 6 јули 2006 ја извршува функцијата министер за култура.
Инаку годинава општината Битола по повод празникот 4 Ноември додели и седум едногодишни награди.
Добитници на едногодишни признанија се: Марија Младеновска – Димитровска, психолог, Васко Михалчев, Ѓорги Лазаревски, Градинката „Мајски цвет“, Марија Росенгрен, Јасмина Буневска и печатницата „Киро Дандаро“.
Признанијата на добитниците свечено ќе им бидат врачени на свечената седница на Советот на Општината Битола која ќе се одржи в понеделник на 4 Ноември, во Народниот театар Битола.
М.М.